Ракометарите на Вардар претрпеа пораз од унгарски Веспрем со 35:27 во финалето на Сеха лигата и со тоа го освоија второто место на Ф4 турнирот што се одигра во Задар, Хрватска.

Унгарците уште на самиот старт го преземаа водството и набрзина поведоа со 3:0. Потоа оваа разлика се зголеми и на плус шест во 20. минута (13-7), но „црвено-црните“ се вратија на минус три до крајот на полувремето (15-12).

Во вториот дел Веспрем повторно притисна и од минута во минута ја зголемуваше предноста која на крајот изнесуваше плус 8 (35:27).

Најефикасен во новиот Вардар, кој оваа сезона е со далеку поизменет состав во однос на минатата сезона по заминувањето на клучните имиња, беше Глеб Калараш со шест гола од девет обиди, додека Патрик Валчак и Ловро Јотиќ постигнаа по четири погодоци. Повторно лош ден имаше голманот на Вардар, Борко Ристовски, кој запиша седум одбрани. Затоа пак, на спротивната страна Коралес нанижа 14 интервенции, додека кај стрелците најмногу се истакна Петар Ненадиќ со пет гола, а по четири постигнаа Мораеш, Манасков, Нилсон и Лекаи.

Инаку третото место во регионалното натпреварување го освои Мешков Брест со победата во малото финале над ППД Загреб со 29:24.