ИНТЕРВЈУ НА МИНИСТЕРОТ ВЕНКО ФИЛИПЧЕ ЗА ВЕСНИКОТ ВЕЧЕР : Сигурен сум дека од есен ќе расте бројот на заболени, ја чекаме вакцината!

Секако дека и тоа сценарио е можно, но нашата цел е да не дојде до тоа. Свесни сме какви штети предизвикува карантинот како мерка и врз економијата и врз генерално моралот на граѓаните. Но доколку во даден момент тоа е нужно решение за сузбивање на некоја критична состојба, секако дека ќе го употребиме. Но, морам да нагласам дека се размислува за рестрикции со регионален пристап, односно ако се оцени дека во некој регион, град има зголемување на ново заболени, зголемен број на пациенти тогаш овие рестриктивни мерки би се аплицирале во критичниот регион. Тоа би значело можен полициски час, затворање училишта, прекин на работа на некои економски оператори и сл.

4329

 

 

Ние веќе неколку месеци работиме на подготовка на здравствениот систем за евентуалниот есенски бран, практично од почетокот на летото. Ги подготвуваме болничките капацитети, го организираме медицинскиот кадар. Правиме монтажни болници во 16 града, по примерот на онаа до Инфективната болница и амбулантата кај Пулмо. Ова се всушност ковид-центри кои ќе ни овозможат целосно да ги одвоиме пациентите со таа симптоматологија од останатите, а со тоа да не се наруши редовниот програм. Дополнително го подготвуваме медицинскиот кадар, кој и досега одлично функционира по системот на ротација, но и го зајакнуваме со нови вработувања. Еве, наскоро 51 млад лекар, од лиценцираните во јули, почнува со платена шест месечна пракса на инфективните одделенија и клиники кои третираат ковид пациенти. Формиравме Центар за епидемиолошко следење и управување со здравствени кризи, во континуитет ги зголемуваме лабораториските капацитети за тестирање, а двојно ја зголемуваме и количината на вакцини за сезонски грип. И она што истo така е важно да се каже, имаме мерки, практично за се имаме протоколи кои ако доследно се почитуваат ќе спречат ескалација на епидемијата, вели во интервју за весникот ВЕЧЕР, министерот за здравство, Венко Филипче.

Весна М. БОЖИНОВСКА

Министре, веќе седум месеци  живееме „ново нормално“ соочени со опасниот коронавирус. Како од оваа дистанца ја оценувате битката со овој вирус во нашава земја и има ли нешто што ве плаши како човек и доктор врзано со болеста?

Пандемијата со ковид-19 е најголемата светска здравствена криза кој му се случила на човештвото во последните 100 години и испит за подготвеноста на здравствените системи на земјите во светот. Се покажа дека ниту една земја, па дури и оние со високо-развиени здравствени системи, не беше подготвена за пандемија од вакви размери. Едно е кога зборуваме за „мирнодобски’ услови, но друго е кога една земја, еден здравствен систем е соочен со огромен пандемски притисок. По 7 месеци борба со вирусот, сметам дека успешно се справуваме со кризата, а тоа пред сè, го аргументирам со фактот што во ниту еден момент не дозволивме да ни се случат сценарија со кои се соочија некои земји, преполни болници, неможност да му се пружи соодветната нега на секој пациент на која таа му е потребна. Ова се должи на навремената реакција и пристапот кој го заземавме во управување со кризата. Тука мислам на навременото воведување на превентивните мерки, далеку пред тоа да го направат некои други земји, моделот на хоспитализација на тешките пациенти и домашно лекување за асимптоматските и оние со лесна клиничка слика, ревносното следење на прогресијата на епидемијата, соодветен одговор на секоја новонастаната ситуација, протоколи. На почетокот кога се соочивме со ковид-19, вирусот беше една огромна непозната за целата медицинска наука. Но секојдневно има сè повеќе сознанија за него, научни публикувани трудови, кои на медицинските работници кои работат со овие пациенти значително им помагаат во третманот, наспроти почетоците кога се боревме со „непознат непријател“. Со досега невидена брзина светот почна да работи на вакцината и веројатно скоро ќе има достапна вакцина. И сето ова влева надеж дека светот, земјите и сите ние како поединци ќе ја надминеме оваа криза.

Дали  терапијата која сега се применува ги дава очекуваните резултати и зошто е толку голема смртноста на пациентите кои се заразени со вирусот, а биле на болничко лекување, поточно оние кои завршувале на респиратори?

Генерално, да. Но мора да се спомене дека во терапиите кои се користат за третманот на пациентите со ковид-19 постои индивидуален медицински пристап, односно истите се даваат по индикација. Не секоја терапија е соодветна за секој пациент, важна е неговата клиничка слика на болеста, евентуални претходни заболувања. Каков ќе биде одговорот на пациентот на болеста и одредена терапија е исто така индивидуален. Во однос на смртноста во нашата земја, таа не е повисока од просекот во Европа. Јас многупати споменав дека не можеме и не треба да правиме споредби со други земји, затоа што секоја земја има свој начин на евиденција на смртните случаи. Ние, на пример, на секој пациент кој починал, а за кој семејството укажало дека имал симптоми на вирусот, одлучивме да земаме постмортем брис и доколку тој пациент се потврди дека го имал вирусот, влегува во евиденцијата. На овој начин имаме реален увид во епидемиолошката состојба, но и го штитиме семејството на починатиот кое може да е исто така инфицирано, а не би знаело доколку ние не сме постапеле така. И секако, јавното здравје, пресекуваме уште еден ланец на трансмисија и превенираме понатамошно ширење на вирусот во одреден круг. Сметавме, и сè уште сметам, дека ова е добар пристап. Не сакаме вештачки да ги намалуваме бројките само за да прикажеме „подобар резултат“ во однос на други земји. Ова не е натпревар и не смее да биде, зборуваме за животи. Инаку, факт е дека голем дел од починатите доцна се јавиле во болница. Навремената дијагностика, хоспитализација и третман е клучна за многу болести, не само за оваа.

Ако се почитуваат мерките шансата за зараза е минимална!

И по толку месеци некако остана нејасно дали вирусот се пренесува во воздухот, преку продукти купени во маркети… или само со директен контакт човек со човек?

Веројатно уште долго, Ковид-19, неговото пренесување и однесување ќе биде предмет на научни истражувања. Инаку, трансмисијата на вирусот е по капличен пат, односно преку близок респираторен контакт. Од тука се и универзалните препораки насекаде во светот за носењето на заштитна маска, односно прекривка на устата и носот, одржувањето на физичката дистанца и редовната хигиена и дезинфекција на рацете. Ова е се што треба да се преземе за да се заштитиме, и затоа овие препораки ги повторувавме стотици пати. Досега во епидемиолошките анкети на инфицираните, не сме сретнале дури ни претпоставка на инфицираниот дека тоа се случило од производ купен во маркет. Анализите покажуваат дека речиси сите случаи се резултат на непочитување на некоја од овие три мерки. Одговорно тврдам дека доколку граѓаните доследно ги почитуваат мерките шансата да се заразат е минимална.

СЗО излезе со прогноза дека од октомври- ноември се очекува уште поголем број на заразени со коронавирусот во светот, зголемување на смртноста. Што можеме ние да очекуваме?

Целиот свет се подготвува за евентуален есенски бран. И тоа е така заради тоа што есента е сезона и на други респираторни вируси, на пример грипот, инфлуенцата. И во вакви услови сметам дека не само ние, туку многу земји, особено оние северната хемисфера е можно да се соочиме со зголемен број на заразени. Затоа мислам дека е апсолутно клучно да се почитуваат превентивните мерки, кои освен од ковид-19 ќе нè заштитат и од трансмисијата на другите вируси. Ние есенскиот бран го најавуваме уште пред почетокот на летото. Тогаш кај дел од јавноста имаше недоверба дека е многу рано да се каже каква ќе биде есента, но јас сум сигурен дека ризикот е голем и дека со сигурност ќе имаме покачување на бројката и влошување на епидемиолошката состојба. Од сите нас ќе зависи во која мера ова ќе се случи. Ако ги почитуваме мерките и пред се протоколите кои ги има за буквално секоја организација, компанија или институција, тогаш лесно ќе го амортизираме овој бран, ќе го заштитиме здравствениот систем и здравјето на граѓаните.

Колку е подготвен нашиот здравствен систем за евентуален нов  бран?

Ние веќе неколку месеци работиме на подготовка на здравствениот систем за евентуалниот есенски бран, практично од почетокот на летото. Ги подготвуваме болничките капацитети, го организираме медицинскиот кадар. Правиме монтажни болници во 16 града, по примерот на онаа до Инфективната болница и амбулантата кај Пулмо. Ова се всушност ковид-центри кои ќе ни овозможат целосно да ги одвоиме пациентите со таа симптоматологија од останатите, а со тоа да не се наруши редовниот програм. Дополнително го подготвуваме медицинскиот кадар, кој и досега одлично функционира по системот на ротација, но и го зајакнуваме со нови вработувања. Еве, наскоро 51 млад лекар, од лиценцираните во јули, почнува со платена шест месечна пракса на инфективните одделенија и клиники кои третираат ковид пациенти. Формиравме Центар за епидемиолошко следење и управување со здравствени кризи, во континуитет ги зголемуваме лабораториските капацитети за тестирање, а двојно ја зголемуваме и количината на вакцини за сезонски грип. И она што истo така е важно да се каже, имаме мерки, практично за се имаме протоколи кои ако доследно се почитуваат ќе спречат ескалација на епидемијата.

Дали доколку состојбата ескалира може да се очекува повторно да се воведат рестриктивни мерки како полициски час, карантини…

Секако дека и тоа сценарио е можно, но нашата цел е да не дојде до тоа. Свесни сме какви штети предизвикува карантинот како мерка и врз економијата и врз генерално моралот на граѓаните. Но доколку во даден момент тоа е нужно решение за сузбивање на некоја критична состојба, секако дека ќе го употребиме. Но, морам да нагласам дека се размислува за рестрикции со регионален пристап, односно ако се оцени дека во некој регион, град има зголемување на ново заболени, зголемен број на пациенти тогаш овие рестриктивни мерки би се аплицирале во критичниот регион. Тоа би значело можен полициски час, затворање училишта, прекин на работа на некои економски оператори и сл.

Спутник објави дека сте разговарале деновиве со руските претставници во Руската амбасада во Скопје, нашава земја да ја увезува руската вакцина Спутник V. Дали е тоа точно, и која вакцина можеме да ја очекуваме во Македонија – Оксфордската или Руската. Кога може да се очекува првото вацакцинирање во државава?

Надлежните тела на Министерството за здравство кои се задолжени за вакцини и имунизација го следат процесот на сите, не само на руската вакцина. Преку амбасадата на Руската федерација побаравме информации за фазата во која се наоѓа нивната вакцина, дали се поминати сите фази на клинички студии, дали и кога е планиран извоз и која би била цената.

Инаку, ние аплициравме преку механизмот на СЗО за соодветна прераспределба на вакцините за вакцинација на 20 проценти од населението, но и преку полската амбасада, што дојде како понуда од нив да купиме еден дел од вакцините кои тие ќе ги набават.  Пристап до вакцината ќе имаме тогаш кога таа ќе биде достапна.

Конвалесцентна плазма спасува животи. Колку хумани граѓани  до сега донирале плазма, и кој се може да биде донор?

Досега, конвалесцентна плазма дарувале 73 лица и оваа бројка се зголемува. Кај некои пациенти кои ја добиле битката со ковид-19, има високо ниво на свесност дека со донирање на плазма можат да спасат нечиј живот. Од Институот за трансфузиона медицина велат дека има интерес, но има и одредени услови за да еден излекуван пациент биде донор во даден момент. Лицето кое што сака да дарува ковалесцентна плазма треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од ковид-19, да има два негативни теста во рок од 24 часа, да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен трет тест за да се потврди дека нема присуство на вирус. Исто така, согласно протоколите се зема и примерок за одредување на концентрација и/или титар на неутрализирачки антитела Anti-SARS-CoV-2.

На 1 октомври стартува учебната година. Според епидемиолошката слика што можеме да очекуваме, старт или одлагање?

Според препораките на Комисијата за заразни болести од 1 октомври на училиште со физичко присуство ќе одат децата на училиште од прво до трето одделение и опционално по барање на родителот онлајн, а за повисоките одделенија постепено враќање во училници во зависност од развојот на епидемиолошката состојба. Комисијата за заразни болести направи детални протоколи за одржување настава во училиштата и алгоритам за постапување во случај на заболено лице или дете од ковид. Ако мерките и протоколите се почитуваат онака како што се пропишани од страна на сите, можеме да имаме безбеден наставен процес. Епидемиолошката состојба во моментот дозволува да започне учебната година онака како што е планирано, но ние будно ја следиме состојбата со епидемијата и ќе реагираме соодветно. Скрининг на образовниот кадар засега не се планира – имаме детални и целосни протоколи за работење на училиштата од секој аспект на функционирање, план за постапно воведување на настава со физичко присуство во училиштата.

Средношколците бараат да им се дозволи физичко следење на наставата. Имавте средба со нив, тие најавуваат бојкот на наставата доколку не ми се дозволи комбинирано следење на наставата ? Што се планира по ова прашање?

Остваривме повеќе средби со претставниците на средношколците. Ги слушнавме нивните предлози во однос на протоколот за одржување на настава со физичко присуство, а Комисијата за заразни болести ги аргументираше медицинските аспекти и можните ризици. Се согласивме дека најважно од сè е да имаме безбедна настава. Протоколите и за средните училишта се подготвени детално и го регулираат престојот и процесот на наставата, влез/излез и движење во училиштето, како и сите детали околу одржување на хигиена, користење на организиран или јавен превоз – од и до училиште.  Усвоен е и протоколот за одржување на практична настава во средните училишта. Ја поздравувам потребата и желбата на учениците да се вратат на училиште, но здравјето на учениците и колективното здравје се приоритет. Рековме дека постепено ќе ги отвораме училиштата, оние кои може да ги исполнат условите за безбедно организирање на наставата според протоколите и доколку епидемиолошката состојба во дадениот регион го дозволува тоа. Убеден сум дека овие млади прогресивни граѓани целосно ја разбираат состојбата и свесни се дека мора да се зачува здравјето и стабилноста на здравствениот систем. Од друга страна и ние сме свесни за нивните потреби и барања, и верувам дека во наредните месеци ќе може постепено да ги враќаме во училишните клупи и средношколците, во училиштата каде што тоа го дозволуваат капацитетите и условите.

Ги зголемивте платите на лекарите. Дали сега се доволно стимулирани за работата  што ја извршуваат и дали е тоа причина што има голем интерес младите лекари од приватно да прејдат во јавно здравство?

Квалификуван и мотивиран здравствени кадар е еден од основните предуслови за квалитетно здравство. Тоа го препознавме одамна, уште на почетокот на претходниот мандат еден од приоритетите беше пораст на  платите во здравството и тоа останува како приоритет и во овој мандат. Епидемијата со Ковид-19, потврди дека здравствените работници се еден од клучните столбови на  здравството и државата воопшто и дека треба дополнително да се вложува во квалитет и нивна мотивираност.  Ние досега направивме сериозни вложувања.  Денеска, на пример, платата на лекар специјалист е помеѓу  75 и 160 илјади денари, а претходно беше помеѓу 60 и 70 илјади денари. Дежурствата беа меѓу 800 и 2500 денари, а сега се меѓу 3500 и 10.000. Овозможивме загарантирано платено работно место од 6 месеци за секој млад лекар којшто ќе го заврши испитот во лекарската комора и ќе добие лиценца. Дадовме повеќе од 5.000 согласности за вработувања во јавноздравствените установи во земјава и над 1000 специјализации и супспецијализации, а за 15% го зголемивме капитациониот бод на матичните лекари од општата пракса, гинекологија и стоматологија. Сето ова се покажа како клучен фактор во справувањето со корона кризата. Во кризата, ние дополнително ги наградивме здравствените работници кои работат со ковид-пациенти со 40% од плата. Но не застануваме тука. И во програмата на новата влада е предвидено платите на здравствените работници да растат, до крајот на новиот мандат до 40%. Продолжуваме да градиме силно и модерно здравство со целосна поддршка на мотивирани, професионални и образувани здравствени работници.

Дали почнаа со работа 51 млад лекар за кои најавивте дека ќе бидат распоредени на инфективните клиники со плата од 30.000 денари?

Во процедура е финансиската согласност за нивно ангажирање од Министерството за финансии. Верувам дека брзо ќе заврши овој процес и тие наскоро ќе почнат со работа.

Сметате ли дека младите лекари се стручни за да се впуштат веднаш во жежок оган, во лекување на заболените со Ковид 19?

Пред сè, дозволете да го поздравам нивниот ентузијазам и мотивација да работат со пациентите со ковид-19. Младите лекари се иднината на нашето здравство и сметам дека апсолутно на секој млад лекар треба да му се даде шанса и доверба. Тие сепак ќе работат со своите повозрасни колеги кои веќе имаат искуство во третманот на пациентите со ковид-19. Под нивно менторство тие ќе се стекнат со едно огромно практично искуство кое за секој млад лекар кој е на почетокот на својата лекарска кариера е бесценето. Притоа, веројатно после едно вакво искуство некои од нив ќе изберат специјализација во областа, што за нас како систем ќе биде од големо значење.

 Дел од надлежните потфрлија, граѓаните се опуштија

 Постојано повторувате за неопходноста од носење маска за заштита од коронавирус. Околу нас гледаме многу луѓе без маска – во продавници, ресторани, кафулиња… Кој ова треба да го стави во ред и да ги санкционира? Дали не сметате дека треба да бидете поригорозни кон ваквите неодговорни лица?Граѓаните се жалат дека конкретно келнери служат со маски на брада?

Има соодветни институции и инспекторати кои се надлежни да ги спроведуваат контролите и да санкционираат. Еве конкретно, викендов имавме конструктивен состанок со Државниот пазарен инспекторат, Министерството за внатрешни работи во врска со контролите. Дополнително, за однапред закажаните настани за викендот, интервениравме во смисла на предупредување, а нивните служби беа на самото место уште пред почетокот на настаните. Контроли мора да се прават постојано и секое прекршување на мерките мора да се санкционира. Сепак, Министерството за здравство не е органот кој санкционира. За жал, за време на техничката Влада дел од надлежните институции, особено МВР потфрлија во овој дел. Ова придонесе за опуштање на дел од граѓаните на што сега мора посериозно да се работи, особено заради ризикот кој го носи есента.

Министре, колку се сигурни граѓаните кои порачуваат или купуваат готова храна? Кој тоа го контролира дали лицата што ја подготвуваат се придржуваат кон здравствените протоколи?

Агенцијата за храна и ветеринарство е надлежна за контрола на квалитетот и прометот со храна, а за спроведување на протоколите, пазарниот инспекторат. Ако оние кои ја приготвуваат, послужуваат или испорачуваат храната се придржуваат до протоколите, сметам дека нема ризик. Досега нема научна студија или некој посериозен индикатор дека вирусот се пренесува преку зготвена или пакувана храна, но тоа не значи дека сите кои работат во оваа индустрија не треба да бидат многу внимателни.

Верувале или не се уште има и такви кои воопшто не користат маска бидејки не веруваат дека корона постои. Што би им порачале?

За жал, и после повеќе од половина година борба со вирусот, ние се уште гледаме такви примери. Поразителен е тој факт. Сите ние, пред се треба да се заштитиме себеси, но и да бидеме свесни и совесни за луѓето околу нас. Тие кои не веруваат во вирусот и кои сметаат дека нема од што да се штитат имаат семејства, деца, родители, возрасни членови кои можеби имаат некакви хронични заболувања. Токму нив, овие луѓе ги изложуваат на сериозен ризик. Од друга страна, како граѓани имаме и колективна одговорност, јавното здравје е одговорност на сите и апсолутно е неприфатливо неодговорни поедници да го загрозуваат.

Ако до 23 септември хронично болните не стигнат да обезбедат потврди, рокот ќе се пролонгира

Се враќаат на работа и хронично болните. Дали не е избрзана оваа одлука?

Јас имав средба со здруженијата на пациенти на која, како и досега за многу претходни прашања, имавме конструктивна дискусија. Свесни сме дека, преку оваа мерка со која досега сите хронично болни беа ослободени од работа, имаше злоупотреба на системот. Ова не е избрзана одлука, напротив. Сега оние кои навистина се во ризик, и натаму остануваат дома. Практично, сега, лекарот специјалист врз основа на експертиза и реална здравствена состојба на пациентот ќе му издаде потврда на пациентот која ќе го ослободи од работа. Направена е измена на правилникот за боледување во Фондот за здравствено осигурување и сега значително се олесни процедурата со која се овозможува токму лекарот специјалист да даде потврда за отсуство од работа во времетраење од 6 месеци. Хронично болните, до 23 септември треба да посетат специјалист. За таа цел, пуштени се дополнителни термини во Мој Термин и е-амбуланта, но доколку до 23 септември овие пациенти не стигнат да ги обезбедат потврдите, рокот ќе биде пролонгиран.

Само една недела од отворањето на градинките се појави случај на заболено 15 месечно бебе. Како ќе се решаваат овие случаи?

Прво дозволете да кажам дека вакви случаи не можеме да исклучиме, ниту ние ниту било која друга земја која отворила градинки, училишта. И тоа дефакто се случува насекаде. Па вирусот е тука. Но, ние пред да се отворат градинките направивме детален протокол за фунционирање и алгоритам за постапување во случај на заболено дете или некој од персоналот. Почитување на протоколот ќе ги заштити најмалите и сите вклучени во воспитно-згрижувачкиот процес. Во однос на прашањето како ќе се постапува во вакви случаи, алгоритмот темелно го регулира овој процес. Прво потребно е секоја градинка да има назначено одговорно лице, по можност медицинско лице, доколку има, за контакт со надлежниот Центар за јавно здравје. Ако дете, за време на престој во градинка, развие покачена телесна температура веднаш треба да се изолира во посебна просторија за изолација, каде за него се грижи негователката од неговата група, а назначеното одговорно лице веднаш го известува и повикува родителот или старателот да дојде во градинката. Истото лице стапува во контакт и со епидемиолошката служба во надлежниот центар за јавно здравје и со матичниот доктор-педијатар на детето. Во координација помеѓу епидемиологот од надлежниот ЦЈЗ, матичниот лекар и родителот на детето се одлучува за понатамошната дијагноза,тестирање и третман. Епидемиологот од надлежниот ЦЈЗ прави епидемиолошка проценка на ризик за можноста од проширување на инфекцијата во групата или целата градинка, со тоа што децата, учителката и негувателката од воспитната група во кое престојувало позитивното дете, како блиски контакти задолжително одат во домашна изолација со решение од ДСЗИ. Надлежниот епидемиолог организира спроведување на вонредна дезинфекција во градинката.

Има ли на повидок договор со Грција за отворање на границата?

Ние, земјите од регионот одлучивме дека е најдобро да се заземе регионален пристап во решавање на прашањето за границите и очекувам дека многу скоро ќе се разговара за границите и за останатите земји, не само со Грција. Јас иницирав состанок со колегите од земјите од соседството на кој се договоривме дека регионална работна група ќе ги следи состојбите и ќе носи одлуки, а врз основа на размена на информациите за епидемиолошката ситуација во земјите. Сепак, секоја земја има свои политики и начин на заштита на јавното здравје, а состојбата гледате дека брзо се менува. За само една недела на пример од целосно стабилна состојба со педесетина заболени дневно, Грција стигна и до бројки од 350 заболени дневно. Слично е и во други земји, а истото може да се случи и кај нас. Оттаму, овие процеси не можеме да ги предвидуваме и да ги планираме на долг рок. Сега за мене е најважно да се помине стабилно низ есенскиот период, а потоа и да ја дочекаме вакцината. Дури тогаш ќе можеме долгорочно да планираме целосна нормализација на патувањата.

Дали конечно Мој термин има термин?

Од почетокот на септември, МојТермин функционира целосно. Од 151.132 достапни термини, закажани се 127.875 прегледи, што покажува дека термини има. Пуштени се и термини за октомври. Конкретно на 11 септември се објавени 119.607 термини, а таа бројка се дополнува.

Инаку, системот беше ставен делумно во мирување, не целосно. За илустрација, од крајот на март до крајот на август се направени околу 1. 500.000 прегледи од кои 600.000 прегледи се без закажан термин, околу 460.000 итни прегледи, интервенции и околу 450.000 со закажување на термините. Откажани беа тие операции коишто можеле да се откажат и коишто не ја комплицирале здравствената состојба на пациентот со откажувањето. Значи хроничните и тие коишто можеле да чекаат. Сосем нормално се одвиваше третманот на итните пациенти и на пациентите коишто имаат малигно заболување.

Што ќе биде ваш приоритет како прв човек во здравството во наредниот период?

Пандемијата не е завршена и борбата со ковид секако е еден од клучните приоритети. И во таа насока приоритет се сите проекти кои се поврзани со целосна подготовка на здравствениот систем за понатамошно справување со вирусот. Веќе ги споменав монтажните болници и јакнењето на медицинскиот кадар. Дополнително, со 33 милиони евра од Светска банка сите одделенија за интензивна нега добиваат нова модерна опрема, респиратори, кревети, рентген апарати, практично се што е потребно за добро опремено интензивно одделение. Имав средба со г. Бартолини, шеф на секторот за Програми за финансиска поддршка при Делегација на Европската Унија во Скопје. Добиваме 4 милиони евра од ЕУ за опрема во здравството. Го финализираме стратешкиот документ, 10 годишната стратегија за развој на здравството.

Ковид-кризата покажа колку е важно е да се има стабилен здравствен систем. Ние навистина направивме многу во поглед на унапредување на здравството во изминатите години и токму сега со кризата, тие инвестиции станаа видливи. Инвестиравме во реконструкции и обнови, современа медицинска опрема, терапија, но и во човечкиот капитал. Направивме историско зголемување на платите на здравствените работници, со што ги мотивиравме својата кариера да ја гледаат во јавното здравство и иднината во својата земја.

Во следниот период, и натаму инвестираме во здравствените работници, нивните плати ќе растат до 40% во следните 4 години. Освен тоа, ќе продолжиме со вработувања во јавно-здравствените установи и ќе обезбедиме тројно повеќе специјализации, а лекарите на специјализација со живеалиште надвор од Скопје кои го немаат решено станбеното прашање ќе ги субвенционираме со 12.000 денари месечно. Секако, ќе работиме и на едукација и усовршување преку стратешки договори со европски медицински центри.

Предвидено е целосно електронско здравство, без користење на хартиени форми на документи, помалку бирократија и побрза здравствена услуга, со целосно здравствено-информатичко поврзување, преку апликацијата „Здравје за сите“. Планирани се инфраструктурни проекти и инвестиции во современа медицинска опрема, енергетски ефикасни здравствени домови, реновирање на старите одделениjа во болниците, 70 нови возила за итна медицинска помош и редовна обнова на возниот парк секоја година до крајот на мандатот. Ќе се реновираат три вакцинални пункта, три нови пункта за итна медицинска помош на подрачјето на град Скопје, а неискористените болнички капацитети е планирано да се пренаменат во домови за стари лица.

Планирани се нови амбуланти во Лисиче, Аеродром, замена на старите во Карпош, во Ѓорче Петров, и за првпат во Кисела Вода. Во Охрид, Тетово и Струмица предвидени се модерни регионални здравствени центри, а ќе започне и проектот за нов клинички центар во Скопје.

Клиничкиот центар ќе биде во четири блока, првиот блок треба да биде завршен во следните четири години. Ќе се преселат, пред се, хируршките клиники и операционите сали, и сè што е поврзано со хируршка интервенција. Натаму, со завршување на другите блокови ќе се префрлуваат и другите клиники.

Генерално, сите планирани проекти се во насока на јакнење на нашето јавно здравство. Со ковид, уште еднаш се потврди дека една земја треба да има сигурен, стабилен и одржлив јавен здравствен сервис, достапен за сите граѓани.