Весна Јаневска од Росоман обезбеди сушара за овошје и зеленчук со грант од државата

70

Весна Јаневска од Росоман обезбеди сушара за овошје и зеленчук, со државна поддршка за жени од рурални средини. Таа појасни за МИА дека се работи за грант од 180 илјади денари кои ги добила преку мерка на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

-На повикот од 2019 година, 250 жени од рурални средини од целата држава добивме ваква финансиска поддршка, за поттик во нашата земјоделска работа. За набавка на опрема, механизација, со цел олеснување на нашата работа. Додадов свои 15 илјади денари и сушарата ја купив за 195 илјади денари. Таа е главно на сончева енергија, така што сушењето на овошје и зеленчук ќе биде еколошко и здраво, нагласи Јаневска.

Таа има 51 година. За себе рече дека целиот живот и е поврзан со земјоделството, а најинтензивно последните 18 години, кога се занимава со производство и преработка на овошје и зеленчук.

-Член и претседател сум на здружението ,,Росомански раце”, членувам во  Рурална коалиција, Слоу фуд. Регистриран индивидуален земјоделец, а најново е што веќе  основав занаетчиска фирма, за производство и преработка на традиционални земјоделски производи. Фамилијарно произведуваме овошје и зеленчук. Досега дел продававме во свежа состојба, а дел преработувавме. Отсега, дел и ќе сушиме во сушарата, вели Јаневска.

Таа рече дека на жените од росоманското здружение, ќе им биде овозможено исто така да ја користат оваа сушара.

-Имав бројни можности да оставам се и да заминам по подобар живот во странство. Но решив да останам тука и да се борам за подобар живот на земјоделците и особено на жените земјоделки. Родена сум на село,  ја милувам природата и решив тука да инвестирам и да ја одржувам традицијата на Тиквешијата, со цел нашите наследници да останат на семејното огниште, додаде Јаневска.