Министерот за надворешни работи Бујар Османи утре, во Собранието, ќе информира за текот на македонско-бугарските преговори за деблокирање на македонските евроинтеграции. Најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, се пожали дека информациите за преговорите ги добива од медиумите и побара пратениците во Собранието, но и целата македонска јавност да дознае кои се македонските позиции во преговорите.

Недостигот на информации за преговорите, според аналитичарот Владимир Божиновски, не влева доверба и надеж дека работите одат на подобро.

„Едно е да држиш во тајност преговарачки процес со цел да не им се наштети на преговорите, а друго заради распродажба на националните интереси. Кај нас, сé се крие, сé е во тајност, што значи дека повторно ќе биде на наша штета, затоа што ние гледаме пет години во континуитет како се обезличува државата. Затоа, сите имаме право да стравуваме што може следно да се случи“, изјави за весникот ВЕЧЕР аналитичарот Божиновски.

Според информациите што досега ги доби јавноста по заедничката македонско-бугарска владина седница во Софија, како што истакна аналитичарот Агим Јонуз,  таа наликувала на глумење весела дипломатија.

„Ние во ниту еден елемент од суштинските проблеми кои се појавија, не чувме дека се дискутира. Второ, амбиентот во кој се движеа нештата во тие два дена беше само во покажување добра волја за решавање, меѓутоа на тоа остана сé. Значи, дека освен покажување добра волја, ништо не можеме да дефинираме како поента која дава дека нештата се движат во позитивен правец. Тоа што го имаме како проблеми за решавање на агендата со Бугарите, ќе го решаваат комисиите, што значи, од нивните резултати ќе зависи дали ќе се одвива во позитивен или во негативен правец комплетната комуникација со Бугарите. Затоа што и едната и другата страна мора да ги чува своите позиции. А, ако имаме намера да ги чуваме своите позиции, тогаш не може да се надеваме дека нешто многу бргу ќе се промени“, изјави за весникот ВЕЧЕР аналитичарот Јонуз.

Најтешката работа во преговорите останува да ја заврши заедничката Историска комисија, каде што имаше промени во македонскиот тим, а бугарскиот остана ист. Ова, според Божиновски, не е случајно.

„Луѓето од кај нас кои се тргнаа или беа тргнати, беа оние што се залагаа за научно-историско толкување на работите во однос на онаа македонска историја што ја имаме во изминативе 70 години“, истакнува Божиновски.

Според Јонуз, бугарскиот историски тим, што остана непроменет, според досега виденото, е претврд и одлучен да не попушта.

„Тоа само значи дека ние, овака или онака, ќе мора да размислуваме дали ќе останеме децидно на својот став и со тоа никогаш нема да го решиме проблемот или ќе мораме да ја подвиткуваме кичмата. Ако кај нас имаме елементи на промена, тоа само значи дека размислувањата за попуштање ни се веќе на масата.“, заклучува Јонуз.

Претседателот на Собранието, во однос на поплаките на ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека и како пратеници и како Собрание имаат соодветни информации во кој правец и за што се разговара со Бугарија.

„Во секој случај, ние како пратеници и како Собрание не може да кажеме дека не знаеме што прави Владата. Имајќи предвид дека како пратеници консензуално донесовме Резолуција во Собранието, во која определивме насоки, препораки, рамка по која треба да се движи извршната власт. Според законските прописи, надлежноста во меѓународните односи и во извршното претставување, значи е на Владата како посебна власт, но, секако, ние како Собрание стоиме, условно кажано, „на главата на извршната власт“ и, секако, дека имаме соодветни информации во кој правец и за што се разговара“, рече Џафери.

Во однос на најавениот отчет од министерот за надворешни работи Османи на барање на пратеникот Антонио Милошоски за тоа што содржат македонските одговори до Софија за патоказот „5+1“, претседателот на Парламентот посочува дека Милошоски не е само пратеник туку е и претседател на Комисијата за надворешна политика во Собранието, кој и претходно побарал и добил соодветен пристап, и соодветна информација од извршната власт или конкретно од министерот за надворешни работи по односни прашања по кои што сметал дека треба Собранието да биде известено.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека не е толку важно дали седницата на Комисијата за надворешна политика ќе биде отворена, туку сите договори склучени во Софија да бидат разгледани во ресорските комисии.

(И.С.)