Веселата математика на Макрадули

142

За да покаже дека Планот за почист воздух дава резултати, заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули на помош ја повика математиката и со бројки сака да ја увери јавноста дека во воздухот има помалку од отровните ПМ-честички

 

За да покаже дека Планот за почист воздух дава резултати, заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули на помош ја повика математиката и со бројки сака да ја увери јавноста дека во воздухот има помалку од отровните ПМ-честички.

Тој на својот фејсбук-профил ги сумираше дел од активностите во Планот за чист воздух и истите, како што напиша, ги поткрепува со факти.

Па така, со промената на затоплувањето во 12 градинки, во воздухот има помалку 135 килограми од ПМ2.5 честичките, како и помалку 176 килограми од ПМ10 честичките. Или тоа пресметано во пари, според Макрадули изгледа вака:

– Од досегашните 140.000 евра, за затоплување ќе бидат потребни околу 45.000 евра, или тоа е заштеда од 95.000 евра. Планот опфати промена на затоплување во 29 основни училишта, а тоа значи на годишно ниво, во воздухот нема да се емитуваат 429 килограми ПМ2.5 и 559 килограми ПМ10 честички, додека во пари наместо 443.446 евра, ќе се потребни околу 147.000 евра, односно заштеда од 296.446 евра – стои во пресметките на Макрадули.

Или кумулативно, со промена на начинот на затоплување во 12 градинки и во 29 училишта, во воздухот има помалку 564 килограми ПМ2.5 и помалку 735 килограми ПМ10 честички, што е вкупна заштеда на 391.446 евра.

– Дополнително, секоја интервенција во енергетска ефикасност носи дополнителна заштеда помеѓу 25-30 насто на сметките за затоплување, односно: 9 градинки, 12 училишта и 7 административни објекти дополнително штедат пари на граѓаните, зашто сметките се помали. За една градинка која досега плаќала 260.000 денари годишно, заштедата ќе биде 65.000 денари. Само за една, или со досегашните активности од планот, заштедата е од околу 26.000 евра – вели Макрадули.

Оттука и заклучокот кој го изведе заменикот-министер за животна средина дека „успехот е можен само со елиминирање на изворите на загадување, тоа е единствениот прав пат“.

Инаку, Генералниот секретаријат на Владата минатата недела објави Јавен повик до општините да аплицираат за добивање до 100.000 евра за замена на опрема/нееколошки системи за греење во градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти на нејзина територија.

Право на учество на јавниот повик имаат градовите/општините на територија на Република Северна Македонија, кои имаат високо ниво на аерозагадување, односно висока концентрација на РМ10 и РМ2.5, согласно податоците од мерните станици на Државниот автоматски мониторинг систем во Република Северна Македонија за 2019 година.

Можат да аплицираат и градовите/општините на територија на Република Северна Македонија кои немаат мерни станици во рамките на Државниот автоматски мониторинг систем во Република Северна Македонија.

Покрај барањето, општините треба да достават и извештај за нивото на ПМ10 и ПМ2.5 концентрации за 2019 година согласно податоците од мерните станици на Државниот автоматски мониторинг систем, потоа детално разработен преглед на број на градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти, кои користат исклучиво нееколошки систем за греење и проект за соодветна замена со тип на опрема наведена во Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2020 година.

(С.Бл.)