Шефот на тимот на Ред Бул во Формула 1 шампионатот, Кристијан Хорнер, тврди дека Серхио Перез и Макс Верстапен имаат ист статус во тимот, пренесува „Скај спорт“.

Мексиканецот победи на трката за Големата награда на Монако во неделата, а некои британски медиуми тврдеа дека Верстапен е привилегиран во однос на Перез, кој мораше да го пропушти својот тимски колега на претходната трка во Шпанија.

  • Оваа сезона го третираме Серхио исто како и Макс. Разликата меѓу двајцата е 15 бода. Тоа не е ништо. Долг е патот до крајот на шампионатот, а како што можеме да видиме Ферари има многу брз болид. Овој викенд имаа подобар болид на патеката од нас. Мислам дека најдовме победничка тактика преку одлична тимска работа, одлична работа со возачите, изјави шефот на Ред Бул.

Хорнер тврди дека Перез завршил одлична работа во Монако.

  • Перез беше одличен цел викенд. Неговото темпо во исклучително тешки и влажни услови беше многу силно. Тимот заврши одлична работа, што им овозможи на двајцата наши возачи да бидат побрзи од Ферари. Перез не случајно победи во Монако, додаде Хорнер.

Сепак, многумина сметаат дека оваа изјава на Хорнер е само смирување на страстите меѓу тимските колеги. Ако беше поинаков расплетот на настаните на патеката, сигурно дека Перез ќе дозволеше Верстапен да го мине, но најголема пречка на оваа трка беше тоа што Саинц беше меѓу двата болида на Ред Бул.