Вероника Љоровска, студентка од Европски универзитет Скопје: За мене уметноста е изразување и начин на комуникација  

697

„Она на што навистина сум горда е успехот да се оспособи студентот да работи самостојно. Особено во случајот на Вероника, која е лице со посебни потреби, со церебрална парализа, и која успеа со многу работа, сила и желба да се осамостои и да види дека не ѝ потребна никаква асистенција да ги изработи своите задачи“, вели проф. д-р Чупоска, која покрај останатите предмети на Факултетот за арт и дизајн ги предава и предметите Сликање и Цртање од кои се и произлезени цртежите и сликите на Љоровска

Во галеријата КО-РА при ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ во Скопје, отворена е првата самостојна изложба на Вероника Љоровска, студентка на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет – Скопје, со наслов „Мојот свет во боја“. Присутните имаа можност да проследат четириесетина дела изработени во повеќе техники: молив, јаглен, туш, фломастер, темпера, колаж, асамблаж, енформел, слики изработени во повеќе димензии. Оваа камерна изложба се организира на иницијатива на проф. д-р Јана Манева-Чупоска. Идејата за организирање на изложбата на студентката Вероника Љоровска е да се даде поддршка на лицата со посебни потреби како еднакви граѓани во нашето општество и нивното право на високо образование.

„Делата на изложбата на Вероника се всушност сублимат од нејзината работа во целата академска година, вклучувајќи го зимскиот и летниот семестар. На оваа изложба се забележува нејзиниот континуитет во однос на совладување на тоа што значи линија и нејзиниот правец, композиција, улогата на боја во композицијата…, сè со цел таа да се здобие со основна ликовна култура и да го примени ова ликовно знаење во дизајнот. Таа е запишана на насоката Графички дизајн. Она на што навистина сум горда, е успехот да се оспособи студентот да работи самостојно, особено во случајот на Вероника која е лице со посебни потреби, со церебрална парализа, и која успеа со многу работа, сила и желба да се осамостои и да види дека не и потребна никаква асистенција да ги изработи своите задачи“, вели проф. д-р Чупоска, која покрај останатите предмети на Факултетот за арт и дизајн ги предава и предметите Сликање и Цртање од кои се и произлезени цртежите и сликите на Љоровска. Таа додава дека оваа изложба носи и силна порака дека, кога некој сака да ги преброди тешкотиите во животот тоа може да го направи само со упорност и љубов кон тоа што го работи.

„Оваа изложба сакам да биде поттик и за други лица со посебни потреби и да упатиме апел и до општеството  за подигнување на свеста за разбирање за потребите на оваа категорија луѓе. Уметноста е всушност и најблагородното нешто што ни помага на сите нас. Факултетот за арт и дизајн, пак, бил и ќе биде отворен за овие лица. Адаптираната програма, која е правена за нив дава плод, поттик и елан тие самостојно да работат. Другата порака, која произлегува од оваа изложба, е да не правиме бариери и граници. Лично сметам дека тие не се лица со посебни потреби, посебноста е во нашата адаптација кон нивниот живот.  Нивното место е апсолутно во високото образование, а ние сме затоа тука да им помогнеме да стигнат до нивната цел“, додава Манева-Чупоска. Таа потенцира дека е горда на Вероника, како што и самата таа е горда на изложбата. Професор д-р Манева-Чупоска истакнува и дека од професионален аспект изложбата, која имаше голема посетеност и од други млади луѓе, е одлична.

Љоровска, пак, по повод својата прва изложба вели: „За мене уметноста претставува изразување и начин на комуникација. Не е попусто кажано, една слика вреди илјада зборови. Понекогаш можеме да го кажеме со слика тоа што го чувствуваме и да биде посилно од зборовите“. (Д.Т.)