Вера Јанковиќ: Најдобрите теми се направени во најтешките ситуации

485

Крвта ми се заледува од чудово коронашко. Последиците ќе си ги сркаме со годините кои доаѓаат, свеста мора да си зафати адекватна позиција која може да ги држи конците од оваа куклена претстава. Ама па и затоа треба музика, затоа што сè што  било и ќе остане е музиката, вели за весникот ВЕЧЕР

Маја АНЧЕВСКА

Доволно е да се спомене името Вера Јанковиќ и веднаш асоцијации на сестрана жена, модерна жена која пркоси на времето, жена која успешно со децении има кариера. Позната како водителка на многу музички емисии, и на радио и на телевизија, на разни фестивали, но и по извонреден глас кој им дава силен печат на песните кои таа ги изведува. Таа е препознатлива и по нејзиниот стил на облекување, на жена кое има свое силно јас. Освен тоа, таа 30 години е диџеј. Диџејството  сега и е првенствена професија.

Таа секогаш е со позитивна енергија, а и во овие тешки мигови. Вера со задоволство ни ја откри нејзината тајна за добро расположение.

– Ех, да знаете драги мои колку е тежок патот кој морате со децении да го изодите, за да стигнете до крајната цел, онаа која ќе Ви ја наметне насмевката и позитивната енергијa! Само низ макотрпна работа, трнлив пат знаеш да го цениш животот и сето она што ти во овој свет имаш за да го проживееш, почувствуваш, она на што треба несебично да се предадеш, да веруваш, да помагаш… Едноставно да знаеш да ги уживаш моментите кои ти ги овозможил феноменот, најчудната појава на овој свет – ЖИВОТОТ! Кога ќе разбереш дека имаш само епизодна улога во тој серијал, е тогаш своите „пет“ минути има да ги изиграш со сета сила, душа, моќ, нема реприза, нема поправен. Денес горе, утре доле, еднаш високо, другпат длабоко, битно е да си над состојбата, над, со онаа состојба на умот која вели – направи да те паметат, сакаат, направи да си терк на битисување, гости сме на овој свет, да си ги направиме сите метании за да завршиме достоинствено. Или по Алан Форд варијантата „живеј додека живееш, па тогаш умри“, раскажува Јанковиќ.

Викај ура!

За моменталната состојба со коронавирусот вели:

– Како за сите, така и за мене. Не сум сама во оваа настаната ситуација, не е ништо по моја вина, јас така гледам на работите, ќе излеземе и од овој ќорсокак, ова невидено зло на денешницава. Да, може да нè направи депресивни, анксиозни, гладни… ама душава уметничка да ни ја земе – е тоа нема да може. Мојот живот е музика од кога знам за себе, 24 часа премалку за сите моменти кои би ги спакувала низ таа призма. Страдни и боси нема да останеме, оваа е период кога треба да се соочиш првенствено со самиот себе, до каде си, колку и како можеш. Се снаоѓаме, та не сме сами на ова парче земја. И на крајот, некогаш и со сè околу себе можеш да бидеш посиромав одошто ова, наметнато, нужно зло. Викај ура и акумулирај енергија за годината што доаѓа.

Смета дека најмногу што и недостасува на македонската музичка сцена се вистински музичари.

На сцената и недостигаме ние, убавите, чисти, вистински музичари. Да, ние сме тука, за некои слепи при очи. Стеснат медиумски круг, маркетиншки играрии кои не се составен дел на уметничката душа, медиуми кои полнат дупки од кои не никнува ништо. Дете сум од осумдесеттите, златните години во кои го трасиравме пат кој, за жал, заврши во ендек. Политиката и турските серии се новата реалност во уметноста, генерално, открива таа.

Во дамнешни времиња таа беше член на рок групата „Психо“ и со оглед на тоа дали повторно би снимила некоја рок песна, Вера го сподели следново нејзино видување.

– Еднаш музичар, пејач – доживотно. Нема тука никакви изненадувања. Логично е да се вратам на почетокот, е сега дали тоа ќе биде рок, поп, џез, што и да е од она што лежи на мојот сензибилитет. И да, во право време и на право место прашање – имам нешто ново, наскоро, многу наскоро ќе чуете и ќе се разнежите. Ви се радувам, ќе ми се радувате.

Мелем за душата

Таа  е популарна и како диџеј, а секоја нова зададена задача кажува колку сме подготвени за да го понесеме товарот на истата. Поп-рок варијанта е  нејзиниот мелем за душата, па така на нејзините забави можеме да уживаме во нив.

– Добар пливач сум, па влегов и во диџејските води…ахахаха нормално е после ашикување со бендови, водење музички емисии, што на ТВ, што на радио, креирање на стратегија во сопствен локал кој станува трејд марк, да бидеш и главен и одговорен за најбитниот сегмент на секоја добра журка, дружба – музиката. Самото си кажува колку си способен да го понесеш товарот на таа тешка, а толку лесна задача. Таа енергија или ја имаш или ја немаш, тој занает не се учи, тој тлее длабоко во утробата, се раѓа со секоја нова вечер, се освежува со секој нов, преспиен ден. Уффф, ја обожавам музиката од осумдесеттите. Тоа е таа револуција која на свет ги донесе музичките алтани. Безобразно добар играч сум скоро по секои нејзини сегменти, знам неверојатно квалитетно да го погодам нервот на моите консументи и на оние кои прв пат се соочуваат со мојот терен. Поп-рок варијанта ми е мелем на душата, раскажува таа.

Минуваме во најтешки здравствени околности и Вера смета дека свеста треба да се зголеми, а дека најдобрите теми произлегувале во најтешки ситуации и тоа преку музика.

– Крвта ми се заледува од чудово коронашко. Сериозна од самиот почеток, дисциплинирана, комплетно посветена на сите протоколи кои ако ги почитуваат сите останати, би нè однеле многу порано на вистинскиот пат. Меѓутоа веќе и не препознавам луѓе кои се засегнати на ваков начин, ова е за жал тотален хаос, ниту се знае кој боледува, кој лечи, кој е тој што мора да спречи. Последиците ќе си ги сркаме со годините кои доаѓаат, свеста мора да си зафати адекватна позиција која може да ги држи конците од оваа куклена претстава. Ама па и затоа треба музика. Да, на крајот, најдобрите теми се направени во најтешките животни ситуации и ВИВА ЛА МУЗИКА – затоа што се што  било и ќе остане е музиката. На крајот, сакам да верувам дека еден ден ќе се сеќаваме на ова како на лош сон, кој бледнее со деновите кои минуваат, ќе ги чекаме оние по кои го паметиме нашево Скопје, нашава Македонија, велам нашава – оти се повеќе приметувам увезени луѓе, оние кои не ги препознавам на маркираниот, градски простор. Таму се раѓа уметноста и онаа, на живеењето, порачува за крај Вера Јанковиќ.