Вело-родео кај Млечен

58

Општина Карпош и здружението „Еко Логик“ ги покануваат сите млади љубители во велосипедизмот да дојдат со својот велосипед и да бидат дел од едукативно – рекреативниот настан „Вело-родео“ кој ќе се одржи денеска, од 17:00 до 21:00 часот, во населбата „Владо Тасевски“, на платото на „Млечен“.

Ова едукативно – рекреативно случување е во организација на здружението на граѓани „Еко Логик“ и Општина Карпош.

-Сите млади и активни сограѓани, кои се љубители во велосипедизмот можат да дојдат со својот велосипед и низ дружба и забава да ги увидат придобивките од користење на ова превозно средство. Во вело – мрежата на „Еко Логик“ се вклучени десетте основни училишта во Карпош, што подразбира учество во континуираните активности со велосипед наменети за учениците, во организирање работилници и во напорите секое училиште и секоја населба да имаат подобра вело инфраструктура- велат од Општина Карпош.

Од оваа единица на локалната самоуправа сметаат дека организацијата на вакви настани придонесува до поголема физичка активност кај младите, поточно за момент да ги остават телефоните и другите е – уреди и да бидат активни.

Исто така, „враќањето“ на младите по маалските паркови, платоата, придонесува и за обновување на маалскиот соживот во Карпош, нешто што е обележје на оваа скопска општина.

Од Општина Карпош истакнуваат дека реализацијата на настанот ќе биде согласно сите протоколи за организирање на јавни настани. Задолжително е носењето на заштитна маска и одржување дистанца, а учесниците ќе имаат можност и за честа дезинфекција на рацете.