Велосипедски полигони да се направат во Скопје и во поголемите градови

203

Групата ентузијасти, скопски велосипедисти „На точак“ бараат од новата влада која ќе се избере по изборите да се направат едукативни велосипедски полигони во поголемите градови во државата, а меѓу нив и во Скопје, но и задолжително формално образование за изучување на сообраќајните правила и вештини за управување.

Тие сметаат дека возачите на автомобили се едуцираат во автошколите, но нема каде формално да се изучат вештините и знаењето потребно за управување со велосипед кое е транспортно средство и е дел од решението за справување со предизвиците на 21 век (загадување, климатски промени, седечки начин на живот).

– На велосипедски полигони, како што ги нарекуваат „сообраќајни паркови“, децата ќе можат да вежбаат вештини, но и да ги учат правилата и односот во сообраќајот, бидејќи таму, на безбедно, се симулира реалниот сообраќај -потенцираат од „На точак“.

Од оваа група велосипедисти сметаат дека освен фиксни полигони во поголемите градови и училиштата треба да имаат мобилни полигони.

– Овие полигони (сообраќајни паркови) за време на часовите ротирачки ќе може да се користат од училиштата, а во попладне да се слободни за користење на граѓаните. Со тоа, не само што ќе добиеме повешти и поодговорни учесници во сообраќајот, туку и нашите градови ќе добијат дополнителни содржини за децата кои не чинат многу за да се изведат. Исто така, тие ќе остават голема порака во свеста на децата, дека и велосипедот е основно превозно средство – истакнуваат од „На Точак“.

На вакви полигони децата во Холандија имаат и тест како дел од образовната програма, а потоа и тест за учество во реален сообраќај.

– Ако имаме план да чекориме кон одржлива иднина, мора да ги менуваме работите и во самото образование – децидни се од „На точак“.

Детски сообраќаен полигон во Скопје постои во паркот „Македонија 2“, во населбата Козле, кој на градот му го донираше Стопанска банка, во јуни 2016 година.

(А.П.)