Велика Британија одобри бивалентна вакцина против два соја на коронавирусот

369

Велика Британија стана првата земја што одобри ажурирана верзија на вакцината за коронавирус на Модерна, која ги таргетира и сојот омикрон и видот што се појави во 2020 година, јавува Си-Ен-Ен.

– Ажурираната верзија на вакцината направена од Модерна, која таргетира два вида на коронавирус (позната како „бивалентна“ вакцина), денеска беше одобрена како засилувачка доза за возрасни од Регулаторната агенција за лекови и здравствени производи (MHRA). Вакцината ги исполнува стандардите на британскиот регулатор во однос на безбедноста, квалитетот и ефективноста – се наведува во официјалното владино соопштение во понеделникот.

Вакцината, наречена „Spikevax bivalent Original/Omicron“, ги таргетира и сојот на коронавирусот кој првично се појави во 2020 година и видот омикрон.

Владата на Обединетото Кралство објави дека одлуката за одобрување на вакцината ја донело владиното независно стручно научно советодавно тело, по внимателно разгледување на доказите.

Вакцината беше одобрена по резултатите од клиничкото испитување, каде што „Модерна“ објави дека бустерот насочен кон омикрон покажал посилен имунолошки одговор. Компанијата соопшти дека нејзината ажурирана вакцина, исто така, покажала „силен одговор“ на подваријантите BA.4 и BA.5.

Несаканите ефекти се опишани од страна на MHRA како исти како и со оригиналната доза и се покажа дека се „типично благи и се решаваат самостојно“.

– Не се идентификувани сериозни безбедносни проблеми – се вели во соопштението на британската Влада.

Додека новиот коронавирус продолжува да мутира, главниот извршен директор на MHRA, д-р Џун Рејн вели дека новата вакцина на Модерна ќе помогне да се заштитат луѓето.

– Првата генерација вакцини против коронавирус што се користат во Обединетото Кралство продолжува да обезбедува важна заштита од болести и спасува животи. Она што ни го дава оваа бивалентна вакцина е посилна заштита од болести додека вирусот продолжува да се развива.

Стефан Бансел, извршен директор на Модерна, на Твитер напиша дека е „воодушевен“ што вакцината е одобрена.

„Ова претставува прво одобрување на бивалентна вакцина која го таргетира и омикрон, оваа бивалентна вакцина има важна улога во заштитата на луѓето во Обединетото Кралство од Ковид-19 додека влегуваме во зимските месеци“, напиша Бансел.