На неколку километри од центарот на Скопје живее нивната бајка. Во семејната куќа во Сопиште го живеат својот заеднички сон за семејна поврзаност со љубов и духовна хармонија. Тука царува на дело здравиот живот како по книга со упатства – двор, пространа градина подготвена да се засади со домати, пиперки и моркови, големи саксии за зачински билки, кокошарник кој се гради. Топол, убав како што речиси сите сакаме, ама тешко решаваме зашто мислиме дека ќе си го расипеме комфорот што го дава градот. Во ваков амбиент живеат светски познатите уметници, оперските пејачи Ана и Игор Дурловски.

Ги познаваме од сцената, и од некои други места. Овој пат ги запознавме поинаку.  А тие исклучително харизматични и бескрајно непосредни. Тој експерт за готвење, надалеку познат по пикантните ручеци, организатор на долгите седенки и специјалист за чварките за кои надалеку се слуша, вели по рецептот од баба му. Таа грижлива мајка, кревка, тивка, одмерена, специјалист за џем од сите овошја набрани во нивната градина. Сето ова кај нив не е инцидент – туку животен стил.

-Ако некој мисли дека оперските певици дома одат со балски фустан, еве видете. (се смее). Многу сакам денот да го поминувам боса во градината, со животните, со саканите луѓе. Децата знаат да се качат на дрво, и да паднат не плачат, им се радувам што уживаат во средината во која живеат, вели Ана, единствената Македонка, добитничка на оперскиот Оскар, и која пеела во њујоршката опера Метрополитен.

Игор се надоврзува: Животот во Сопиште ни донесе мир и спокојство. Среќен сум што нашите деца уживаат во својата слобода далеку од урбаниот хаос на Скопје, во задоволството на сите оние мали игри кои ги практикувавме и ние, во нашето детство. Ова е најголемата придобивка од животот надвор од центарот на градот, освен секако можноста да ја уживаш и природата и сите нејзини благодети.

Љубов кон корените и традицијата

А деновиве сите се дома, децата Максим, Софија и Лука ги правеа подготовките за велигденските празници. До нозете им се лепат нивните миленици кучето Цезар и мачорот Пеце.

– Велигден е празник кој го слави Христовото воскресение и ние, со Ана и децата со голема радост го одбележуваме во кругот на семејството и пријателите, во нашиот дом. Обичаите и традицијата се негуваат во нашето семејство, но за мене овој празник има уште поголемо значење бидејќи нè потсетува дека животот треба да се слави секој ден, дека треба да бидеме благодарни за она што го имаме и да го споделуваме истото со најблиските. Една германска поговорка вели дека не можеш секој ден да направиш големо дело, но можеш да направиш добро. Тоа е суштината на моите лични уверувања која во мене ја всадија родителите, а јас и Ана настојуваме да ја пренесеме на нашите деца – вели Игор.

Ни раскажа дека љубовта и припадноста кон корените му ја всадиле родителите.

– Мојот татко е дете бегалец од Егејска Македонија, а топлината на домот, семејството, традицијата секогаш беа најскапоцена вредност за нас. Голем дел од животот поминав во странство, но токму таа љубов кон своето нè натера мене и Ана да се вратиме дома. Ние сакаме нашите деца да растат во Македонија и да ги воспитуваме во духот во кој и ние сме воспитани. Да се свесни кои се и што се, да бидат горди на своето потекло и одговорни кон својата иднина, вели Игор и продолжува: ”Од моите родители научив дека треба да го правам она во што верувам и да верувам во она што го правам. Само на тој начин човек може да си остане доследен на себеси”.

За нив пријателството е извонредно битно зашто во години поминати низ тешки животни премрежија, неколкумина пријатели биле постојано со нив и им дале сила и поддршка за сите одлуки.

–  Затоа овој голем празник ќе го поминам со семејството и со пријателите. Се разбира дека ќе ги испочитуваме сите велигденски обичаи, од кршењето со велигденските јајца, семејниот ручек и се разбира, посета на некој од нашите христијански храмови.

Како и на сите, и ним пандемијата им го промени начинот на живеење и размислување. Велат дека се соочиле со вирусот, за среќа, поминале без сериозни последици. Игор е категоричен дека секогаш во животот настојува да извлече поука, дури и од најлошото. Вели дека книга на животот му е  „Малиот принц“ поради големата животна вистина во неа која вели: “И сега еве ја мојата тајна, многу проста тајна. Само со помош на срцето можат вистински да се согледаат нештата, она што е суштинско е невидливо за окото“.

– Оваа пандемија нè потсети на важноста на вистинските вредности, домот, семејството, блиските кои се тука и во добро и во лошо, пандемијата на еден начин нè отуѓи едни од други, ама ќе кажам и дека нè зближи. Во болеста секогаш се навраќаме на оние битни работи на кои едноставно забораваме кога сме здрави, а тоа грижата за себе. Последнава година беше своевидна опомена, како понатаму да го живееме својот живот, како да се однесуваме кон себе и кон другите.

 

 

Недостига комуникацијата со публиката

Сопружниците кои се заедно повеќе од 20 години имаа речиси подеднаков пат кога е во прашање образованието и работата во странство. Откако направија кариера во Австрија и Германија пред неколку години се вратија во татковината. За младоста помината во образование и градење кариера во странство велат:

– Знаете како велат, подобро е да ја прокоцкаш сопствената младост отколку со неа да не направиш ништо. Од оваа дистанца сметам дека со Ана го направивме вистинскиот избор. Бевме доволно храбри и свесни за можноста која ни се нуди и го прифативме тој предизвик. Годините кои ги поминавме во странство не беа ни малку лесни, од ништо изградивме нешто. Изградивме кариера, соработувавме и сè уште соработуваме со врвни имиња, оркестри етаблирани во светски рамки. Но, најважно од сè е дека созреавме како професионалци, но и како луѓе. Научивме дека само со силна мотивираност и посветеност, со трпение и со упорност се добива секоја битка во животот. Веројатно тоа е и најважната лекција која сега се обидуваме да ја пренесеме на младите со кои работиме.

И двајцата уметници настапувале на светски сцени, за нивните улоги се наградувани во странство, но голема желба на Игор е да ја толкува улогата на Филип II во “Дон Карлос”. Вели дека му недостига комуникацијата со публиката и размената на енергијата со луѓето од другата страна на сцената.

-Пандемијата предизвикана од коронавирусот наметна еден друг вид на комуникација, сиромашна, стерилна комуникација која сериозно влијае на уметникот, ја гуши неговата слобода и креативност. Затоа се надевам дека што поскоро сето ова ќе биде зад нас и дека ќе имаме можност за жив контакт со публиката.

Ги прашавме дали се сложуваат со многумина кои велат дека во културата има повеќе политика отколку во Собранието. Велат дека се уметници и културата им е над сè.

-Сметам дека на Република Македонија и е потребна една сериозно промислена државна политика во културата. Потребни ни се одговорни политички елити, потребно ни е критичко размислување, различни ставови и мислења, дебата, слобода во уметничкиот израз, потребен ни е квалитет во културата. Не случајно велат дека културата му овозможува на човекот да се издвои, но и да се соедини со светот. Сметам дека македонската култура има непроценливи вредности, културно наследство и творештво преку кое може многу лесно и видливо да се афирмира во меѓународни рамки. Потребна е јасна стратегија и конкретни активности со кои ќе се работи долгорочно на промоција на најголемите атрибути на македонската култура во светот.

-Културата е неизбежен политички концепт. Историјата, културата, традицијата се нашиот идентитет кој никој не може да ни го одземе. Досега многупати културата била медијатор и во ситуации во кои класичните дипломатски методи биле неуспешни. Да, верувам дека со културата можеме да направиме промени, смета Игор.

Овде познатата синтагма: Цело е кога има сè очигледно не е тоа. Во домот на Дурловски во Сопиште таа се живее.

Значи ова е центарот на вашиот семеен мир, прашуваме.

Ана одговара:

-Тука, дома го имаме нашето спокојство, во таа хармонија со природата. Да е возможно би сакала да се будам со изгрејсонце и да си легнувам со зајдисонце. Но, изгледа би било премногу (се смее).

Лилјана Грџо Дамовска