Велигденска донација од 600 пакети со прехранбени производи за семејства во социјален ризик во повеќе градови во земјава

85
По повод велигденските празници, кавадаречката компанија „Слога Пром“ донира 600 пакети со прехранбени производи наменети за семејствата кои се во социјален ризик. Донацијата ќе биде распределена низ повеќе градови од државата, Кавадарци, Делчево, Пехчево, Македонска Каменица, Берово, Неготино, Демир Капија, Прилеп како и околните села.
Како што беше кажано од компанијата, за  доставата на донираните производи до семејствата се погрижија xуманитарната група граѓани „Од срце за срце” заедно со соработниците, Здружение „Надеж Мит Неготино“, Здружение „Надеж Надеж“ – Прилеп и младите волонтери на Црвен Крст од Источна Македонија.     
Донацијата се состои од замрзнати месни производи и зеленчук.
-Во изминатава година поради пандемијата со Ковид-19 многу семејства го изгубија изворот на егзистенција и помошта за нив е главната причина за оваа донација, покрај желбата што е во духот на овој голем празник, да споделуваме и даруваме. Ситуацијата придонесе егзистенцијалните предизвици за многумина да станат секојдневие и затоа нашето внимание е целосно посветено на помошта на овие граѓани. Токму од истата причина, акцијата доби голема поддршка и од нашите вработени, кои безрезервно помогнаа во целосната реализација што ме прави навистина горд. Не смееме да дозволиме храната да биде недостиг и затоа „Слога Пром“ како едно големо семејство ќе продолжи и понатаму да ја дава својата помош и поддршка, изјави Ласко Јованов, управител и менаџер за увоз во компанијата.
Притоа нагласи дека „Слога Пром“ како компанија што три децении се занимава со пакување и дистрибуција на замрзнати производи, е една од најангажираните деловни субјекти во поддршката на локалната заедница. 
-Посебно е активна преку донации во локалните училишта со цел олеснување на образовниот процес и пристапот до образование, а исто така и за семејствата во социјален ризик од целата држава преку поддршката на Проект Среќа и снабдувањето на овие семејства со пакети прехранбени производи, додаде тој. 
Извор: МИА