Танц-перформансот „Shchwindel” / „Вртоглавица“ со настапот во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес, в сабота (4 февруари) во 20 часот, ја започнува националната турнеја. По Велес, предвидени се изведби и во Младинскиот културен центар во Скопје на 6 февруари, во Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип, на 8 февруари, и во Народниот театар „Антон Панов“ во Струмица, на 9 февруари.

“Schwindel” е резултат на едномесечната танцова резиденција на кореографот Тобиас Драегер од Хамбург, Германија, кој е селектиран како првиот кореограф во програмата на Танц.Трансформатор. Тој, на оваа креација работеше заедно со шесте танчари Дејан Битровски, Теодора Ежовска, Сара Тасевска, Нина Петрушевска, Елена Стојкоска и Илина Костовска.

„Идејата за името на овој перформанс доаѓа од заинтересираноста на кореографот да ја адресира појавата на вртоглавица и исцрпеност како последица на брзиот начин на животот со кој се соочуваме денес. Овој перформанс се занимава со истражување на тоа како луѓето се справуваат со разни емоционални и животни фази, разни состојби, справување со очај, повреда, ранливост на физичко и емоционално ниво, но, и со тоа како се преминуваат границите помеѓу овие. Во рамките на работниот процес, кореографот ги предизвика танчарите со вртоглаво патување, а насочено кон истражување на сопственото тело и сопствените граници и анализа на последиците од нашето општество во однос на справувањето со болестите и стареењето. Ги отсликува различните состојби на телото и умот, индивидуалната конфронтација со ранливост и самоизложеност, а повикува на градење доверба со себе и со останатите и истрајност“, посочуваат од Велешкиот театар.

Проектот „Танц. Трансформатор – Реобмислување на локалната танцова заедница“ е првата иницијатива која се пласира преку Платформа Битрикс.

„Поаѓајќи од идејата да се создадат можности и контекст за работа и соработка помеѓу професионалните танчари во Северна Македонија, како и да се создаде можност за континуитет на ангажман, Танц. Трансформатор се обидува да ги надмине недостатоците кои произлегуваат од оскудната понуда на можности на сцената“, велат организаторите. Предвидена е реализација на три танцови резиденции и тоа во периодите: јануари-февруари, јуни-јули и август-септември 2023, од кои две ќе се реализираат во соработка со интернационални кореографи, а третата со Ивана Балабанова како кореограф од земјата. Таа е и уметнички директор на проектот. За сценографијата се погрижи Мартин Манев, костимите ги изработија Антонија Гугинска-Јорданоска и Маја Ѓуреска. Проектот е поддржан од Амбасадата на Швајцарија и Агенцијата за развој и соработка на Швајцарија во земјава. (Д.Т.)