Учениците од прва година од СОУ “Гимназија Кочо Рацин” од Велес, Марко Инѓилизов и Викторија Панова се вратија од Брисел со освоено второ место на меѓународниот натпревар “Европски квиз на пари”.

Успехот на учениците, нивниот класен раководител и ментор, професор Марјан Стојановски и директорот на училиштето, Гоце Алексовски им го честиташе градоначалникот Аце Коцевски.

– Со големо задоволство ја примив веста за вашиот успех и ви честитам за постигнатото. Младите и талентирани ученици се гордост, не само за семејството и училиштето, туку и на градот и државата. Чест ми е што сум ваш сограѓанин и што во вас имаме вистински амбасадори на Велес – им порача Коцевски на талентираните гимназијалци.

По победата на националното првенство, победничкиот тим од 6 до 7 овој месец престојуваше во Брисел на, чиј организатор е Европската банкарска федерација. Во конкуренција на околу 100 илјади финалисти од 28 европски држави, на возраст од 13 до 15 години, гимназијалците Марко и Викторија го освоија престижното второ место и со тоа станаа европски вицешампиони.

Овој натпревар се одржува веќе две години и се однесува на теми од финансискиот менаџмент. Македонскиот тим, покрај освоеното второ место, од организаторот доби и парична награда во износ од 2.000 евра, наменета за училиштето.

– Горди сме на учениците и нивниот ментор за постигнатиот меѓународен успех. Треба да им се даде шанса на сите талентирани ученици да се вклучуваат во проекти каде може да ги истакнат своите способности – истакна директорот на гимназијата.

Успехот на учениците ја израдува велешката јавност која масовно преку социјалните мрежи им посака уште многу успеси на домашен и меѓународен план.