Велешките таксисти два месеца возат по повисоки цени

183

Здружението на такси превозници бара од Советот на Општина Велес зголемување на цената, што беше разгледувано на последната, а за тоа ќе се разговара и на претстојната седница.

Но, легалните велешки такси-превозници речиси два месеца, почнувајќи од 1 септември возат по нови повисоки цени, што е спротивно со Законот за превоз во патниот сообраќај и Одлуката за авто-такси превоз во Општина Велес, издадена од Советот. Од одделението за сообраќај при Општина Велес реагираат дека со тоа велешките таксисти го прекршуваат законот и одлуката на Советот.

Надлежните за сообраќај на Општина Велес појаснуваат дека фискалните апарати кои се баждарени во такси возилата уште се по старите цени, а таксистите два месеци возат по нови – повисоки цени, а кои не се одобрени од Советот.

– Затоа им укажуваме на граѓаните кои користат автотакси превоз во градот, при секое возење со такси возилата да си побараат фискални сметки, заради тоа што фискалните апарати се баждарени по старите цени утврдени од страна на Советот на Општина Велес. Поради тоа и таксистите немаат законско право да им наплатуваат по нови повисоки цени, со што го кршат Законот и Одлуката за автотакси превоз во општината – потенцираат од Општина Велес.

Здружението на такси превозници бара од Советот дневната тарифа од 5 до 23 часот од сегашните 40 да се зголеми на 50 денари за старт до првиот километар и наместо за 20 да возат за 25 денари за секој нареден километар.

Тие бараат и воведување на ноќна тарифа  од 23 часот па до 5 наутро, по  60 денари за старт и првиот километар и 25 денари за секој нареден. Бараат и тарифа за возење надвор од Велес до друга општина, 100 денари за старт и прв километар и за секој нареден километар по 25 денари.

Велешките таксисти бараат од општината намалување на издадените изводи од лиценци од сегашните 250 на 200 такси-возила.

Тони Јосифов, претставник на Здружението на такси превозници на Велес, пред советниците ваквото барање го правдаше со тоа дека  моменталната цена за автотакси превоз е мала за одржување на возилата и за егзистенција на нивните семејства.