Велес доби ново сообраќајно решение кај ДОЗ со мал кружен тек

122

Општина Велес неделава ги финализира градежните работи за сообраќајното решение кај ДОЗ, а во чии рамки беше направен и мал кружен тек, a локалните власти најавија дека со финансиска поддршка од 16 милиони денари од Агенцијата за млади и спорт, деновиве се очекува да започнат и градежните работи на градскиот фудбалски стадион „Зоран Паунов“, на кој се одигруваат фудбалски натпревари на прволигашот ФК „Борец“.

Од Општина Велес информираат дека во тек се и други градежни активности на повеќе локации во градот и општината.

При тоа, завршено е тампонирањето на банкини на улицата „Шефки Муратов“ во населбата Превалец, велешката фирма „Изгрев Инженеринг“ работи на патот во село Сливник каде во моментов се изведуваат канали и банкини, а кој треба целосно да биде готов оваа пролет.

Исто така, се работи на трасата на велосипедската и пешачката патека со паркинг кои се дел од проектот „Смарт езеро Младост“. Направена е и пристапна патека до Еко кампот, во должина од 170 метри, која е асфалтирана, а се работи и на изградба на тротоар и рабници.