Велес: Во тек прибирањето предлози за „9-то ноемвриски“ признанија и наградата за животно дело „Гемиџии“ за 2021

28

Врз основа на член 127 од Деловникот на Советот на Општина Велес, општинската Комисија за општествени дејности покрена иницијатива за прибирање предлози за доделување на Деветтоноемвриски признанија и награда за животно дело „Гемиџии“ за 2021 година, а предлозите ќе се примаат до 29 октомври.

Како што појаснуваат од Општина Велес, признанијата „9 Ноември“ се доделуваат на поединци, органи, организации, граѓански организации и заедници, чие дело и постигнати резултати се од значење за Општина Велес и нејзината афирмација во земјата и светот.

– Неопходно е кандидатите за Деветтоноемвриски признанија делото за кое се предложени да го афирмирале во јавноста. Предложениот кандидат да е жител на Општина Велес или тематски неговото дело да е поврзано за Општина Велес, велат локалните власти.

Тие појаснуваат дека Наградата за животно дело „Гемиџии“ се доделува на поединци за постигнати резултати во развојот и афирмацијата на Велес во државата и надвор од неа.

Предлози за доделување на Деветтоноемвриски признанија и награда за животно дело „Гемиџии“ можат да поднесуваат градоначалникот, Комисијата за општествени дејности, член на Советот на Општина Велес, органи, организации, политички партии, здруженија на граѓани и поединци. Предлозите мора да бидат образложени, информираат од Општина Велес.

Сите предлозите се доставуваат до Советот на Општина Велес, со назнака „За Комисија за општествени дејности“ на улица „Панко Брашнар“ број 1, 1400 Велес или лично најдоцна до 29 октомври 2021 година.