Веднаш да се раскинат концесиите за мали хидроелектрани во НП Маврово

Студијата на „CEE Bankwatch“, мрежа за заштита на животната средина во Источна Европа, покажа дека животната средина во земјите од Западен Балкан трпи големи штети поради изградбата на малите хидроелектрани, од кои профитираат богати бизнисмени. Петнаесет години македонската Влада издава концесии за изградба на мали хидроцентрали, а повеќе од една деценија трае и битката на невладините организации и на локалното население против нивната изградба

93

Концесиите за три мали хидроцентрали во Националниот парк Маврово (МХЕ „Жировница 5“ и „6“ и МХЕ „Рибничка 7“) да се раскинат, како прв чекор што ќе го забрза процесот на репрогласување на паркот. Ова е барање на Комитетот на Бернската конвенција при Советот на Европа до македонската Влада во која се посочува дека примерот со раскинувањето на седум концесии за мали хидроцентрали во Националниот парк Шар Планина треба да се примени и во НП Маврово.

Ова е прв чекор што треба да го направи македонската Влада по најавата дека меѓународни експерти напролет ќе ја скенираат состојбата со заштитата на природното и на културното наследство во земјата, вклучително и процесот на легализација на дивоградбите покрај Охридско Езеро и Галичица, кој треба веднаш да запре.

– Раскинувањето на концесиите во НП Маврово е од клучно значење за идното разрешување на отворениот случај во Бернската конвенција. Затоа го предложивме како прв и најважен чекор, и тоа беше прифатено од Комитетот. Ја охрабруваме Владата на Република Македонија да го следи примерот со раскинувањето на концесиите на Шар Планина и бараме веднаш да го започне процесот на репрогласување на „Маврово“ во соработка со граѓанските организации. Воедно, Владата мора итно да ги обезбеди средствата за овој процес од државниот буџет, следејќи ја препораката – смета Ана Чоловиќ-Лешоска, извршна директорка на „Екосвест“.

Студијата на „CEE Bankwatch“, мрежа за заштита на животната средина во Источна Европа, покажа дека животната средина во земјите од Западен Балкан трпи големи штети поради изградбата на малите хидроелектрани, од кои профитираат богати бизнисмени. Петнаесет години македонската Влада издава концесии за изградба на мали хидроцентрали, а повеќе од една деценија трае и битката на невладините организации и на локалното население против нивната изградба. Владите остануваат на тврдењата дека овие капацитети се потребни за да се зголеми производството на енергија од обновливи извори, а оние што се против, тврдат дека се прави голема штета врз природата за не многу голем удел во вкупното производство, но за голем профит на сопствениците на хидроелектраните.

Комитетот, земајќи ги предвид постигнатиот напредок и очигледната подготвеност на Владата на Република Македонија да преземе акција, одлучи да го задржи случајот со малите хидроелектрани како отворен и ги покани двете страни во јули 2023 година да презентираат нови извештаи за напредокот во однос на случајот и препораката бр. 211.

Инаку, екологисти и професори од 37 граѓански организации и повеќе факултети во март годинава поднесоа барање до Владата да не го продолжува и еднострано да го раскине договорот за МХЕ „Рибничка 7“, склучен во 2015 година. Рокот за изградба на оваа хидроцентрала истече на 7 мај годинава, а според важечкиот договор, доколку не се испочитува, Владата има право еднострано да го раскине.

МХЕ „Рибничка 7“, освен што е во рамки на Националниот парк, исто така е и во непосредна близина на новопрогласеното светско природно наследство во нашата земја – Буковата Шума во долината на Длабока Река, која со одлука на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на 44. сесија во јули лани, стана дел од досието „Древните и исконски букови шуми на Карпатите и други региони во Европа“.

(С.Бл.)