Вдахновено дружење со „Вдахновенија“ на Атанас Конески, промовирано најновото издание на збирката со мудрости

100

„Дека ништо не е невозможно потврдува ‘Вдахновенија’ што осамнува во своето ново (шесто дополнето) издание!“, со овие зборови проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска ја започна промоцијата на книгата, чиј поднаслов е ковчеже на мудрости, бидејќи претставува збирка искази, убави мисли, животни вистини, собирани, обмислувани, ослушувани во секојдневниот живот, промислени и споделени низ многуте семејни, пријателски, работни средби со драгите луѓе, позајмени од испиеното кафе, од споделената трпеза, од веселата дружба, а кои всушност стануваат животна, но и професионална и лична определба на Атанас Конески

Вдахновените луѓе ги вдахновуваат другите со своите вдахновенија. Биди пример за тоа! Ова е првата мисла која го пречекува читателот на новото издание на книгата „Вдахновенија“ на професорот Атанас Конески, секретар на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“. А така вдахновено течеше и помина промоцијата на оваа книга, неодамна одржана во Културно-информативниот центар во Скопје, а чиешто шесто дополнето издание за првпат беше претставено пред присутните професори, лингвисти, новинари, културни работници, и семејството на авторот.

„Дека ништо не е невозможно потврдува ‘Вдахновенија’ што осамнува во своето ново (шесто дополнето) издание!“, се зборовите на проф. д-р Весна Мојсова –Чепишевска која ја започна промоцијата на книгата чиј поднаслов е ковчеже на мудрости бидејќи претставува збирка искази, убави мисли, животни вистини, собирани, обмислувани, ослушувани во секојдневниот живот, промислени и споделени низ многуте семејни, пријателски, работни средби со драгите луѓе, позајмени од испиеното кафе, од споделената трпеза, од веселата дружба, кои всушност стануваат животна, но и професионална и лична определба на Атанас Конески.

„‘Вдахновенија’ може да се читаат како азбучник што ни ги бушави мислите, па и срцата, а може да се читаат и како азбука на непослушните т.е. како поуки со кои непослушните можат да станат малку помалку непослушни, па понекогаш и целосно послушни, а во нив секој еден може да си најде (своја) поговорка за секоја прилика. ‘Вдахновенија’ се и животна таблица и (авто)портрет на Атанас Конески, а мудроста „Човекот е поцврст од каменот, а е послаб од чашата’ е филозофијата на неговото живеење и опстојување, на неговото посветено и неуморно работење. Ова издание, за пет години постаро од она претходното (од 2018), е поголемо и има близу 200 мудри мисли распоредени азбучно според почетната буква на мудроста, а делот во кој се поместени промислувања и оценки за самата книга како идеја и концепт е дополнет со нови ставови од нови читатели и нови промислувачи. Сè на сè, ова издание е побогато за нови воздишки кои се испишани како нови вдахновенија и нови признанија“, рече промоторката Мојсова-Чепишевска, додавајќи дека шестото издание излегува во годината кога авторот полни јубилејни 75 години живот и кога на таа своја прослава го вклопува и јубилејот 50 години сопружнички живот.

Со мудроста „Вредна е онаа книга што не се чита само еднаш“, Мојсова-Чепишевска го заврши своето излагање истакнувајќи дека „Вдахновенија“ – „Има пат до сечие срце“ и дека не се чита само еднаш, бидејќи авторот и со ова издание успева да го изненади читателот.

За книгата, пак, која е во издание на издавачката куќа „Култура“, зборуваше и проф. д-р Цане Т.Мојаноски, кој посочи дека ковчежето на мудростите, како амајлија, се пренесува од генерација на генерација, од година во година, расте и се развива со растот и стремежот на мислата, на искрената желба да се направи чекор напред во иднината.

„’Вдахновенија’ ни нудат мудра мисла, топол збор, подадена рака, во која радоста и среќата се дел од нас, од искреното пријателство, од другарството. Во неа се вградени пораки исковани со мисла, збор и восклик за времето, животот и луѓето. Ова издание на ‘Вдахновенија’ отвора нова врата, нов простор за забележување на духовниот порив, на јадровитата мисла. Новина во ова издание е ‘посветата како литературен жанр’“, ќе додаде Мојаноски.

А, пак, авторот Атанас Конески со својот шарм на водител и оратор, но и со својата исклучителна смисла за хумор полна со почит и пријателство кон сите присутни ѝ даде пријатна и семејна димензија на промоцијата која остави силен впечаток и за очи и за душа. Исполнета со убави мисли, многу смеа, убава песна, но и со настап на водителот и новинар Огнен Јанески, кој читаше мудрости од „Вдахновенија“, таа претставуваше вистинско вдахновено дружење за сите присутни. (Н.И.Т.)