Тренерот на поранешниот светски шампион во бокс во тешка категорија, Американецот Дионтеј Вајлдер (43-2-1, 42 КО), Малик Скот, смета дека борбата со Британецот Ентони Џошуа (24-3, 22 КО) е приоритет. За ваква битка се зборува во  последно време. Има големи шанси да се организира наредната година, но Вајдлер треба прво да се бори со Енди Руиз за да создаде предизвикувач за титулата во тешка категорија на ВБЦ, по што Џошуа ќе мора да се бори со некого.

Доколку двајцата ги добијат следните борби, тогаш има големи шанси, конечно, во 2023 година да се види нивниот спектакл во рингот.

– Тоа е единствената опција што навистина би ја сакал за Дионтеј. Според мене, светот на боксот ја заслужи оваа борба. Исто така, мислам дека Дионтеј ќе го нокаутира Џошуа во рок од три рунди. Сепак, сè уште сакам да го гледам, бидејќи ова се двајца од најдобрите во нашата ера – рече Скот во интервју за јутјуб-каналот „Ес њуз“.

Дека Вајлдар ќе го нокаутира Џошуа, смета и контроверзниот британски боксер Тајсон Фјури.

– Би сакал да ја видам оваа борба, но мислам дека Џошуа нема храброст да го направи тоа. Само не мислам дека тој ќе се бори со борец што може да го нокаутира. Ова е мое лично мислење. Вајлдер, без сомнение, ќе го нокаутира Џошуа – истакна Џипси Меџик.

Во последната борба во октомври, Вајлдер го нокаутира финскиот ветеран Роберт Хелениус во првата рунда.