Вашингтон може да ја забрани апликацијата Тик Ток во САД

60

Американските власти имаат намера да ја забранат кинеската популарна апликација ТикТок на територијата на САД, изјави денеска државниот секратар Мајк Помпео за телевизијата Фокс Њуз.

Според достапните информации, апликацијата во САД ја употребуваат повеќе од 30 милиони корисници.

Повеќе земји, како Индија и Велика Британија, повикаа на забрана на кинеските мобилни апликации, откако се појавија сомневања дека некои социјални мрежи се занимаваат со пропаганда и предавање информации за корисниците на властите во Пекинг.

-За нас ова е сериозна работа и точно е дека го разгледуваме прашањето во однос на кинеските апликации инсталирани на телефоните на луѓето, ве уверувам дека САД ќе преземат соодветни мерки, изјави Помпео.

Вашингтон веќе објави дека кинеските технолошки компании „Хуавеи“ и „ЗТЕ“ се закана за националната безбедност на земјата.

Инаку, властите на Индија на 29 јуни блокираа 59 апликации развиени во Кина меѓу кои е и ТикТок бидејќи мрежата „влијаела погубно на суверенитетот и безбедноста на земјата“.

Извор:МИА