Најтрофејниот македонски фудбалски клуб, екипата на Вардар, ја имаше една од најтурбулентните сезони во својата клупска историја, откако финансиите направија овој клуб да доживее вистински крах по најавата за заминување на Русинот Сергеј Сампсоненко.

Поради финансиски проблем и неисплаќање на плати, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), не му даде лиценца на вицешампионот од минатата година да настапува на европска сцена што беше сериозен удар за „црвено-црните“, кои онака се финансиски загрозени. Но, според зборовите на шефот на стручниот штаб, Александар Васоски, се очекува Вардар да ја мине оваа финансиска криза и повторно да се врати на старите победнички патеки.

ФОТО: Петр СТОЈАНОВСКИ

Од друга страна, радува фактот што овој македонски бренд има одлична фудбалска академија. Во врска со тоа Васоски, во интервју за дневниот весник „Вечер“, откри дека наредната сезона, но и во иднина, главна цел покрај враќањето на титулата во домашното првенство, ќе им биде да создаваат таленти од својата школа. Ова е, пред сè, поради фактот што овој тим доби забрана за трансфер на играчи во следните два рока (летниов и зимскиот). Исто така, тој ни откри дали неговиот тим има шанси да ја прекине доминацијата на Шкендија, која доминантно владее во последните две сезони, како и „предавството“ од страна на Хуан Фелипе, кој пред една недела потпиша за лутиот ривал.

Колкава е одговорноста ако се има предвид дека бевте дел и како играч на Вардар, а сега сте во улога на предводник на стручниот штаб?

Поодговорно е да си тренер, бидејќи некогаш фудбалерите играат како индивидуалци, меѓутоа кога си на тренерската функција мора да размислуваш на сите, работам со 25 различни карактери, мора се да балансира и секако да ги вклопам во еден систем на работа. Бидејќи на теренот можат да играат само 11 фудбалери, често пати има и незадоволство од останатите, но затоа сум тренер, за да го изменаџирам тоа. Додека како играч размислуваш само за себе и за својот просперитет.

Имавте искуство во Германија, колку тој начин на работа успевате да го пренесете во Вардар?

Како играч имав можност да работам со врвни тренери во Германија. Меѓу нив е Михаел Скибе, кој беше селектор на Германија до 21 година, потоа и селектор на Грција и многу други. Тоа искуство од Германија го носам со себе, на пример како тренерот треба да биде поставен кон екипата. Нормално, имав можност да работам исто така со добри тренери и од Македонија, како Гоце Седловски, Чеде Јаневски, а тоа искуство се обидувам да го пренесам на фудбалерите за да имаме успех.

ФОТО: Ѕвонко ПЛАВЕВСКИ

Дали сезонава Вардар може да ја прекине доминацијата на Шкендија?

Да се навратам на минатата сезона. На стартот од сезоната имавме мал шок со елиминацијата од Пјуник. Потоа стартувавме добро во домашното првенство, успеавме да направиме предност од седум бодови пред Шкендија. Не сакам да девалвирам, но во одлучувачките натпревари со Шкендија бевме драстично оштетени од страна на судиите. Покрај тоа имавме проблеми во функционирањето, пред сè од финансиски аспект, така што моралот на фудбалерите не беше на највисоко ниво. Ние како стручен штаб се обидувавме да ги избалансираме работите меѓу незадоволството кај играчите поради неисплатени плати, како и самото тоа што го носи дресот на Вардар. По мене, второто место е заслужено за Вардар, можеби со малку среќа можевме да бидеме и шампиони. Второто место за Вардар како клуб не е доволно, но поради обврските во Лигата на Европа („црвено-црните“ играа во групната фаза) сметам дека имавме добра сезона. Оваа сезона добивме ветувања дека финансиската ситуација ќе се стабилизира и затоа ние ќе можеме да се сконцентрираме само на фудбалската игра. Што се однесува до Шкендија, тимот веќе подолго време игра со една иста екипа, добро се воиграни, и мораме да признаеме дека тие се фаворит број еден за титулата оваа сезона, меѓутоа Вардар никако не смее да се потцени. Ние ќе се бориме за круната до последен здив. За мене како тренер ќе биде неуспех доколку не успееме да ја освоите титулата, без разлика на тоа што имаме млади фудбалери, бидејќи и тој фудбалер кога потпишал со тимот треба да биде свесен  каква тежина носи клубот. Зад тимот стојат армија навивачи, стои цела јавност и затоа едноставно или си или не си за Вардар.

Каква е политиката на клубот кога во прашање се трансферите за во иднина?

Долгорочна стратегија на Вардар ќе биде да се базира врз работата на својата академија. По мене и во разговор со раководството на клубот одлучивме да се инвестираат повеќе пари во школата, да се развие на едно повисоко ниво, да земаме таленти од таму, деца кои ја минаа цела обука и го сакаат клубот како свој, отколку да донесеме странец кој во иднина ќе гледа со потценување на македонската лига. Друг ризик околу донесување на странец е тоа што тој може да биде перфектен на натпреварите во Бразил, но кога ќе дојде во Македонија може да не се адаптира во тимот, поради различноста во лигите, менталитетот кој го има во себе… Ова ни е долгорочен проект и сакам да изразам задоволство со тоа што минатата сезона промовиравме 3-4 фудбалери како Бојан Димовски, Али Адем, Ибиши, Младеновски… и беа одлично освежување за првиот тим и се надевам дека овој тренд ќе го продолжиме во иднина. Ако погледнеме, просекот на играчи во нашиот тим е некаде околу 22 години што покажува дека овој тим има иднина и е на добар пат да изградиме еден добар Вардар. Нормално е дека во иднина ќе земаме и странски фудбалери, но нашиот фокус секогаш ќе биде насочен кон создавање на фудбалери од школата.

Што мислите за трансферот на Фелипе во редовите на лутиот ривал Шкендија?

Тоа е многу чувствително прашање. Јас да сум фудбалер на Вардар пет сезони, да ме има направено милионер, потоа да се продадам во Каират (Казахстан) и на крајот да се вратам во Македонија и да заиграм за Шкендија е неприфатливо. Особено иритира изјавата која најверојатно ја дал за медиумите дека „Шкендија е најдобриот клуб во Македонија“. Тој брзо заборави што доби четири години во Вардар, што стана од овој клуб, меѓутоа тоа е негова приватна работа и не сакам премногу да дискутирам. Сепак, тој има оставено белег во Вардар, иако сум разочаран од неговите изјави.

Како ќе се подобри квалитетот на лигата?

Прво нешто што треба да се направи се условите за работа. Сите екипи треба да имаат добри терени за тренинг. Исто така сите терени каде што се играат прволигашки мечеви мораат да бидат во добри услови, бидејќи фудбалот ако се игра на лош терен, и Барселона и Реал (М) да играат, нема да изгледа добро, бидејќи топката ќе отскокнува, играчите ќе се нервираат, а сето тоа влијае врз играта. Второ мора да се донесе закон за спорт, по кој ќе се инвестира не само во фудбалот, туку во сите спортови. Факт е дека Македонија има расадник на таленти, тоа сме го докажале во минатото, но за да го подигнеме квалитетот на лигата мора да ги реализирам овие две работи.

Дали репрезентацијата на Македонија според вас има доволно квалитет за да обезбеди пласман на Светско или Европско првенство?

Сметам дека имаме квалитет за такво нешто. Лигата на нации ни нуди одлична можност за тоа. Преку квалификацииве ќе биде многу тешко, бидејќи Полска и Австрија покажаа дека сè едно ниво пред нас, Израел е на наше рамниште… поради тоа ние мораме да се насочиме кон Лигата на нации, меѓутоа не треба да „преспиеме“ до тогаш. Ако не ги играме квалификациските натпревари на највисоко ниво, ќе биде многу тешко за нас, бидејќи и Косово има одличен напредок. Мора да се искористи оваа златна шанса на оваа генерација за да дојдеме до пласман на Европско првенство.

Кристијан ТРАЈКОВСКИ