„980 маслени слики“ е насловот на монографијата на ликовниот уметник и академик Васко Ташковски, a чија промоција ќе се одржи на 7 декември во Даут пашин амам, со почеток во 12 часот. Оваа монографија е посветена на творештвото на нашиот водечки претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност, со широка афирмација на Балканот, во Европа и светот. Промотори на монографијата ќе бидат Дита Старова Ќерими, Паскал Гилевски и Раде Силјан.

„Според повеќето современици, придонесот на Ташковски во современата македонска уметност уште на почетокот на творештвото се истакнува преку следењето на една сопствена тивка и ненаметлива ликовна патека која му овозможи најсоодветно да го транскрибира авторскиот ракопис во континуитет до денес преку сликарство кое е класично според својата пластична структура, а воедно и надреалистичко фантастично во поетична смисла, со прецизен минуциозен цртеж и тонски раскошна палета. За значењето на Ташковски надвор од рамките на нашата земја, неизбежен е податокот дека тој е единствен македонски автор (во времето еден од двајцата југословенски сликари застапени во ова издание), кој е претставен во едицијата ‘Сликари на фантазијата од Хиеронимус Бош до Салвадор Дали’ / ‘Painters of fantasy from Hieronimus Bosch to Salvador Dali’ од 1974 година, во издание на Phaidon, а по избор на Вилијам Гаунт. Сликарската визија на Васко Ташковски се фокусира на човековите излети во космосот, мечтаењата и визијата, бегството од невротичното време во замислени тродимензионални пејзажи најчесто со широк отворен хоризонт со небо и земја во позадината, додека во прв план се поставени структури налик на урнатини, стари храмови, лебдечки егзотични вегетациски оази, во комбинација со биолошко-техницизирани механички структури“, посочуваат од Националната галерија.

Ташковски (1937, Нижополе, Битола) дипломира на Академијата за применета уметност во Белград во 1964, а покрај сликањето во маслена техника работи и акварел, цртежи и графика. Има реализирано над 50 самостојни изложби, а учествувал и на повеќе групни изложби во земјата и во странство. Добитник е на многубројни награди и признанија, а во 1994 станува дописен член во МАНУ.

„Влијанијата и рефлексиите од надреализмот и фантастиката, авторот ги трансформира во негов автохтон јазик со специфични елементи презентирани преку повеќе ликовни дисциплини: сликарство, акварел и цртеж, со импресивна бројка на дела: 980 слики во маслена техника, над 3.500 акварели, над 1.000 цртежи, а понатаму и графики, сценографии и над 12.000 секојдневно дисциплинирано изработувани идејни скици“, додаваат од Националната галерија.

Промоцијата на монографијата е во рамки на ретроспективната изложба на академик Ташковски, во организација на Националната галерија на Македонија, а монографијата е во издание на Македонската академија на науките и уметностите и книгоиздателството „Матица македонска“.