Вардар и Порто ги поделија бодовите

40

Македонскиот ракометен шампион Вардар, ремизираше во дуелот со Порто 25:25, во рамките од Лигата на шампионите. „Црвено – црните“  имаа можност да го освојат целиот плен во вториот натпревар на домашен терен, но не успеаја, бидејќи Португалците го изрaмнија резултатот во последната секунда од натпреварот.

Ракометарите на Вардар одлично го отворија првиот дел од натпреварот, поведоа со два гола разлика 4:2, но потоа следеше црна серија во која Порто успеа да се одлепи дури на четири гола разлика 4:8. Меѓутоа до крајот на полувремето македонскиот шампион не само што успеа да ја анулира негативата, туку и да замине со минимална предност од 13:12 на одморот.

Второто полувреме беше многу поинтересно, бидејќи се играше гол за гол. Порто прв успеа да се одлепи на два гола во 52. минута од мечот 21:23, но вардарци со серија од 3:0 го презедоа водството со 25:24. Сепак, ова не беше доволно за победа, бидејќи тимот од Португалија со голот на Арињо во последната секунда од мечот успеаја да си заминат со бод од Скопје.

Во таборот на Вардар маестрален беше Борко Ристовски со 18 одбрани, додека во нападот најмногу се истакна Чупиќ со 7 гола, а кај Порто најефикасен беше  Итуриза со 6 гола.

Фото: П. Стојановски