Варајети: Режисерите на „Медена земја“ со нови филмски проекти

545

Магазинот „Варајети“ деновиве на својата веб-страницат ексклузивно објави информација во која ги открива новите филмски проекти на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, во чија режија е македонскиот документарец „Медена земја“, кој имаше двојна номинација за „Оскар“. Иако не ја освои филмската статуетка со филмот за медарката Атиџе, која се обидува да ја зачува традицијата,  предизвика огромно внимание во светската јавност, па така и „Варајети“ обрна внимание на овој двоец откривајќи ги нивните следни чекори.

„Котевска е финансирана за својот дебитантски игран филм, со работен наслов „Човек против стадото“ (“Man vs. Flock”), приказна за меѓугенерациски конфликт, која го согледува јазот меѓу традиционалните вредности и брзото темпо на современиот живот. Филмот е копродуцентски проект со Стефанов, а се очекува филмот да започне со снимањето во 2021 година“, објавува „Варајети“.

Инаку, како што открива магазинот, „Човекот против стадото“ е приказна за еден стар, тврдоглав селанец, кој е горд на своите корени и земјата; неговата модерна, независна ќерка, пак, се обидува да избега од традиционалната улога што и е доделена; и еден млад блогер зависен од адреналин кој сака да ги открие своите корени, но, преку низа недоразбирања, создава хаос на патот.

Котевска исто така продуцира и е косценарист на антологијата на пет документарни кратки филмови за привлечни жени македонски спортистки, снимени од пет различни режисери.

Во моментот Љубомир Стефанов, пак, развива анимиран филм за климатските промени, со работен наслов „Pic“. Филмот е инспириран од околу 20 милиони бегалци низ светот, кои се раселени од катастрофи поврзани со климата и сега егзистираат без никаков формално-правен статус.

„За мене, правењето филмови не е само да раскажувам различни приказни“, изјавил Стефанов за „Варајети“, додавајќи „Мојата почетна точка е дека има прашања што се интересни за мене и …што мислам дека знам како да ги преточам овие теми на јазик што е универзално разбирлив“. (Д.Т.)