„’Чудесен дар во годишен календар’ се одликува со висок квалитет, изградена структура на делото, поставена идеја која расте во одлична содржинско-изразна и графичка реализација. Оваа поетска стиховница е вистински креативен, творечки поетски дар за децата од реномираната, зрела, изградена авторка на неколкудецениски опус на литература за деца“, се посочува во образложението на комисијата која едногласно го одбрала победникот од пристигнатите девет книги на конкурсот за наградата „Ванчо Николески“

Книгата поезија „Чудесен дар во годишен календар“ од авторката Ели Маказлиева е добитник на наградата „Ванчо Николески“ за 2022 година на Друштвото на писателите на Македонија, која се доделува за дела за деца и млади.

„’Чудесен дар во годишен календар’ се одликува со висок квалитет, изградена структура на делото, поставена идеја која расте во одлична содржинско-изразна и графичка реализација. Делото има јасна визија, изградена композиција и осмислена структура“, се посочува во образложението на комисијата во состав проф. д-р Кристина Николовска, Кузман Кузмановски и Александра Велинова, која едногласно го одбрала победникот од пристигнатите девет книги на конкурсот за наградата „Ванчо Николески“.

Како што посочи претседателката на комисијата, Кристина Николовска на денешната прес-конференција во писателската асоцијација, книгата е поделена во четири циклуси: „Детето е цвет – најубав на свет“, „Стихот е сон за детски бонтон“, „Природата шаренолика е најлична слика“ и „Секој месец е дар во годишниот календар“.

„Во првиот циклус има песни за детскиот развој од предучилишна возраст – градинката како матица, како воспитно-едукативна оаза, важен социјален амбиент и рај за дружење, радости, креација и имагинација на децата. Следниот циклус е вистинска поетска ‘граматика’ и апликативна типологија на бонтонот преку разни видови на добро, воспитано и културно однесување во разни ситуации во кои се наоѓа современото дете. Преку изграден стилизиран стих, преку иновативно обработени идеи и разработки на теми, блиски на современото дете, авторката гради зрело, стабилно, обмислено, полифоно литературно дело кое е вистинска „круна“ на нејзиниот повеќедецениски животен влог во творечко-педагошката дејност – во литературата за деца и млади. Делот ‘Природата шаренолика е најлична слика’ е вистинско ‘виножито’ од теми кои ја будат и градат еколошката свест преку извонредна поетизација на еко-теми преку праелементите: земја, воздух, вода, оган – кои се преработуваат и актуализираат во песни. Последниот дел на оваа прекрасна стиховница ‘Месец по месец – годината е цветец’ е поетски календар кој расте преку месеците во годината преку инвентивни стиховни ‘реки’, посочи Николовска.

Таа додаде дека во ова дело доаѓа до израз афинитетот кон нов, модерен израз, нови содржинско и графичко-визуелни реализации. „Делото поттикнува со креација, оригиналност, иновативност, ‘оддишува’ со модерна поетика и современ израз, актуелни теми, но и вечни, универзални пораки. Оваа поетска стиховница е вистински креативен, творечки поетски дар за децата од реномираната, зрела, изградена авторка на неколкудецениски опус на литература за деца“, посочи Николовска.

Добитничката Ели Маказлиева, која беше присутна на прес-конференцијата, се заблагодари на комисијата и на ДПМ за добиената награда. „Ми укажаа голема чест што ми го доделија ова високо признанија кое верувам дека секој што пишува за децата сака да го добие барем еднаш. По моето долгогодишно пишување, по мојата повеќедецениска инспирација за децата и детството, конечно оваа година ја добив наградата. Но таа не е само моја, ја посветувам на сите деца за кои секојдневно и постојано творам. Секој миг сум окупирана да напишам нешто за деца, тоа го првам и во списанието за деца и во книгите за деца“, рече Маказлиева.

Таа посочи дека наградата, освен нејзина, е и на другите учесници во создавањето на книгата, како рецензентката, уредникот, илустраторот, лекторот. Книгата е во издание на „Едука Мак“.

Како што истакна Маказлиева, наградата особено ѝ е драга, бидејќи го носи името на познатиот истакнат поет, раскажувач и романсиер, претставник на повоената генерација писатели, основоположникот и темелник на литературата за деца, кој како што рече, беше прекрасна и исклучителна личност.

„Во оваа книга се обраќам до дечињата да научат што е бонтон, но и да ги слушаат звуците на природата и да создаваат сопствена слика. Книгата, освен литературните елементи, содржи и педагошки пораки. Во моето творечко милје, во мојот опус од над 30 книги и редовно учество на конкурсот на ДПМ, оваа не е мојата најдобра книга, но ја имаше таа среќа да се закити со оваа награда“, додаде Маказлиева. Инаку, авторката годинава на конкурсот освен со оваа, учествувала и со книгата „Раскази без патокази“.

Според претседателот на ДПМ, Христо Петрески, Маказлиева со децении создава литература за деца и затоа оваа значајна награда ѝ е доделена заслужено. „Наградата се заслужува со труд и посветеност. Оваа награда покрај што го слави делото на Ванчо Николески, ги поддржува, стимулира, афирмира, презентира писателите за деца и млади. Ако не создаваме читатели од мали нозе, потоа да не се жалиме што немаме возрасни читатели“, рече Петрески. (Н.И.Т.)