Ванеса Меј за добредојде во Охрид послужена со супа, печени пиперки и домат

507

Од “Охридско лето“ велат дека Ванеса Меј целиот вчерашен ден го поминала во музичките проби, а генералната проба со учесниците на концертот е договорена за денес во 12 часот на сцената на Античкиот театар, кој за отварањето на фестивалот (вечерва во 21 часот), беше реконструиран во текот на изминатите денови. Ванеса Меј која е дојдена со своето куче е сместена во 80- квадратниот апартман во хотелот Јуник и за нејзе шефот на кујната подготвува специјално веганско мени кое вчера се состоеше од супа Сен Жермен, салата од патлиџан и печени пиперки и веган мафини и овошје како десерт…

 

Атрактивната британска музичка ѕвезда, виолинистката Ванеса Меј според организаторите на Охридско лето е импресионирана од Античкиот театар, задоволна е од пречекот и подготвена вечерва во 21 часот да го отвори 59. издание на најголемата културна манифестација во државата. Таа завчера напладне пристигна на скопскиот аеродром од каде е превезена во Охрид и сместена во хотелот Јуник.

Според менаџерот на “Јуник“, Меј е сместена во најголемиот апартман во хотелот со површина од 80 квадрати, со две засебни спални соби, работна соба и огромна тераса, а со оглед дека е веган, за нејзе главниот кувар во хотелот подготвува специјално мени.

Инаку, како интересен податок ручекот на Ванеса Меј вчера се состоеше од супа Сен Жермен, полнет кромид со кус- кус, салата од патлиџан, печени пиперки со многу магданос и интегрален леб, веган мафини како десерт со прелив од банана и овошје.

“Сите барања околу веганската храна ги исполнивме со оглед дека располагаме со сите продукти, и ги имаме на македонскиот пазар. Таа е презадоволна од менито, па нашиот шеф на кујна ќе го подготвува и за настапот на Античкиот театар и после концертотт на Ванеса Меј. Бидејки е задоволна од сместувањето и менито, таа побара единствено да и биде обезбедена водата “Евиен“. Денеска очекуваме да пристигнат и останатите членови од нејзиниот бенд, кои заедно со нејзе треба да се 12 луѓе и тие исто така се сместени во хотелот, но немаа некои посебни барања околу менито“, велат од хотелот Јуник.

Ванеса Меј во Охрид пристигна со своето милениче, поточно со своето куче.

Од “Охридско лето“ велат дека Ванеса Меј целиот вчерашен ден го поминала во музичките проби, а генералната проба со учесниците на концертот е договорена за денес во 12 часот на сцената на Античкиот театар, кој за отварањето на фестивалот во текот на изминатите денови беше реконструиран во соработка со Заводот и Музеј Охрид.

“Ванеса Меј веќе го посети Античкиот театар и изрази задоволство. Како што кажа за нејзе е предизвик што ќе свири во ваков простор на отворено“, велат од “Охридско лето“

Инаку, Ванеса Меј која на своите концерти свири на два типа виолини, класичен модел на Гуадагнини од 1961, чија вредност се проценува на 150 илјади фунти и електрична виолина Zeta Jezz,  го носи епитетот светско чудо. Таа стекна светска слава со виртуозноста и оригиналниот начин на свирење на виолина. Поточно на своите концерти таа создава фузија од класика со џез и техно, со цел класичната музика да ја доближи до пошироката јавност.

Уште на свои 16 години ги поместува музичките граници со албумот “Violin Player” формирајќи необичен микс на џез, поп и техно звук. Албумот веднаш по објавувањето се нашол на Топ листите во над 20 земји од светот. Ванеса Меј се  издвојува и по нејзините сценски настапи. Првиот солистички концерт го има на само 9 години, а на 10 веќе настапува со симфониски концерт. До нејзините 13 години веќе објавува 3 албуми. Запишана е во Гинисовата книга на рекорди како најмладиот инструменталист кој изведува концерти на Бетовен и Чајковски, а впечатлива  е и нејзината изведба на “Токата и Фуга” на Бах во Д Мол, која е копирана низ целиот свет. Во 2006 е рангирана како една од најбогатите млади изведувачи со заработка од над 32 милиони фунти од концерти и продажба на 10 милиони албуми ширум светот.

 

Сцената на Антички комплетно реновирана

Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид во соработка со „Охридско лето“  ја реконструира сцената на Античкиот театар. Дрвениот под е комплетно заменет со ново и квалитетно дрво, поставена е соодветна изолација, а во најгорниот слој е ставена водоотпорна иверка.

В.д. директорката на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј -Охрид, Елеонора Новаковска потсети дека претходно биле префарбани платформите и пристапните скали до платформите на Античкиот театар, кои беа целосно реконструирани пред почетокот на минатогодишната сезона.

Директорката на „Охридско лето“ Наташа Поповиќ смета дека новата сцена Антички театар ќе биде од исклучително значење за уметниците што настапуваат на овој археолошки локалитет.

`