ВАНДАЛИЗАМ: Запалени шест контејнери во Ново Лисиче

91

Во текот на изминатата ноќ непознати сторители запалиле шест контејнери во населбата Ново Лисиче. Од ЈП „Комунална хигиена“ информираат дека во текот на првите десет месеци од годинава се опожарени над сто садови наменети за одлагање на комуналниот отпад во градот Скопје.

– Само во првите седум дена од ноември изгореле десет контејнери. Сите опожарени контејнери се целосно уништени и неупотребливи. Со ваквите инциденти на ЈП „Комунална хигиена“ му е нанесена финансиска штета во висина од 1,5 милиони денари – велат од комуналното претпријатие.

Градот Скопје и ЈП „Комунална хигиена“ апелираат до граѓаните да ги чуваат и да не ги оштетуваат контејнерите поставени на јавните површини за да се овозможи ефикасно одлагање на комуналниот отпад и да се одржува јавната хигиена.

– Садовите за отпад се набавуваат со пари од граѓаните, а со нивното оштетување се нанесува голема финансиска штета. Поради тоа, ги охрабруваме граѓаните да го пријават секој случај на вандализам врз контејнерите и врз другата урбана опрема за да се одржи комуналниот ред во градот, а јавните површини да бидат уредени и чисти – велат оттаму.