Вангел Наумовски уметник кого Салвадор Дали го нарече „сликар од бајките“

914

Со името на охридскиот сликар Вангел Наумовски (22. 3. 1924, Охрид – 13. 6.2006, Охрид), се поврзани повеќе епитети – тој кај нас и во светот е секогаш претставуван како уникатен пример на сликар на чудесниот свет на длабочините на езерото и комплексноста на космосот, на задоволството, жената и љубовта… Иако од Средното уметничко училиште во Скопје, во 1947 година е исклучен како „неталентиран“, тој стана светски признат македонски уметник.

Големиот Салвадор Дали, кој ја посетил изложбата на Вангел Наумовски во Галеријата „Мона Лиза“ во Париз, во 1970, пак, воодушевено го нарече „сликар од бајките“.

„Поетски слики на Вангел Наумовски со виртуозен потег го доловуваат светот на границата помеѓу сонот и јавето, меѓу земјата и космосот, царствата на растенијата и цвеќето, убавините на охридските нимфи…“, велат од Националната галерија од каде на пошироката јавност преку социјалните мрежи ги претставуваат делата на нашите светски познати уметници.

Интересна е биографијата на Наумовски. Првата негова работа е цртач во ателјето за резба во Охрид, додека неговата прва изложба е во родниот град Охрид во 1954. Има изложувано на над 30 самостојни и 100 групни изложби, а неговите дела се наоѓаат во многу музеи во Македонија и низ светот.

Првпат во странство Наумовски се претставил во 1961, додека во 1967 година станал член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, кое на изложба во 1969 му ја доделил наградата „Свадбен венец”. Истата година градот Охрид му ја доделил наградата за сликарство „Седми ноември”, година која е забележана и по неговото целосно преминување во сликарството како слободна професија. Следуваат награди во државата но и надвор од неа.

Во 1974, Наумовски е награден со Гран при за сликарство од Колекцијата „Винстон” во Женева, во 1979 тој стана и член на италијанската Academia Italia de belle Arti e del Lavoro, од каде што е номиниран и за академик. Во Италија е награден и со Premio d’ Italia 1980. Во 1984 италијанскиот Centro Studi e Ricerche delle Nazioni му ја доделил наградата „Premio Mondale della Cultura” и „Statuata della Vittoria 1984″, a Academia de Europa од Италија наградата „European Banner of arts” со златен медал… Во 1982 година македонскиот режисер Александар Ѓурчинов снимил филм за Наумовски, во кој се прикажува неговиот живот и творештво. Ретроспективната изложба на Наумовски, пак, беше организирана во Националната галерија во декември 2016 година.