Вангелина Пармачка, жената која го произведува највкусното овчо сирење во Малешевијата: Одгледувањето овци може да донесе добра заработка

Вангелина веќе 20 години се занимава со сточарство и земјоделство, а љубовта кон оваа работа ја наследила од своите родители, кој исто така биле сточари. Вангелина вели дека почетокот како и во секоја друга работа, така и во нивната бил тежок. Кога се зеле со сопругот двајцата биле невработени и одлучиле да се занимаваат со сточарство. Почнале со 30 грла и со неколку ливади и ниви за пасење на овците, а сега имаат 500 грла и своја млекарница во која го произведува најубавото сирење во Малешевијата

3162

Во убавите предели на Малешевијата на надморска височина од 800 метри пасат овците на Вангелина, која, според многумина, го прави највкусното овчо сирење кое го пробале. Со љубов и посветеност кон работата и со поддршка од семејството денес таа е успешна бизнис жена која е носител на земјоделско стопанство, има 500 грла овци и своја млекарница. Не се жали од работата и вели дека освен овците има и 300 декари земја во ливади за пасење и ниви за производство на сточна храна кој ги обработува со својот трактор кој сама го вози. Вангелина веќе 20 години се занимава со сточарство и земјоделство, а љубовта кон оваа работа ја наследила од своите родители кој исто така биле сточари. Таа е мајка на три деца и заедно со сопругот живеат во селото Будинарци, Беровско.

Вангелина вели дека почетокот како и во секоја друга работа, така и во нивната бил тежок. Кога се зеле со сопругот двајцата биле невработени и одлучиле да се занимаваат со сточарство. Почнале со 30 грла и со неколку ливади и ниви за пасење на овците, а сега имаат 500 грла и земјоделско стопанство со кое таа раководи.
-Природата, климата и местоположбата на нашето село се идеални за чување на овци и производство на сирење. Освен тоа што сточарството за мене е семејна традиција и овие фактори беа пресудни да почнам да се занимавам со одгледување на овци. Малешевскиот регион е планински регион, чист и незагаден кој изобилува со многу шума и зелени пасишта на кој овците пасат, па поради тоа и сирењето кое се произведува во овој крај е едно од најдобрите и најбараните, раскажува Вангелина.

На почетокот заедно со сопругот овците ги чувале сами, а сега поради обврските со децата и во млекарницата имаат ангажирано овчар кој ги носи на паша. Во вршењето на земјоделските работи и за молзењето на овците вели дека покрај сопругот и помагаат и свекрвата и децата, а сирењето сама го прави.
-Ова е наш семеен бизнис и сите работиме, но најголем дел од работите ги вршам јас. Земјата сами ја обработуваме, сирењето го правам јас, а за молзење на овците понекогаш е потребна и дополнителна работна рака. Имаме ангажирано и овчар кој го плаќаме по 700 евра месечно, вели Вангелина и додава дека во државата тешко се наоѓаат овчари, па затоа и нивната цена последниве години драстично се зголеми.


Вангелина вели дека активно е вклучена и во сите работи кој се извршуваат на поле, садење, копање, жнеење… Таа вози и трактор со помош на кој ги извршува сите овие земјоделски работи. Вели дека напорно е, земјоделската работа е тешка, но не се жали и додава дека работата ја работи со љубов и задоволство. Освен овците и работата на поле тука се и домашните работи и грижата за трите деца Јованче, Марија и Ангела.
-Секоја работа која ја работиш со љубов и посветеност дава резултати. Така и во сточарството, ако се посветиш можеш добро да заработуваш. На почетокот кога почнавме со производство на сирење не знаевме многу работи, но со текот на годините се усовршувавме и сега можам да кажам дека произведуваме квалитетно сирење кое ни е однапред распродадено. За да го постигнеме квалитетот кој денес го имаме преку Националната федерација на фармери на која сум член бевме на многу семинари, обуки и студиски патувања, објаснува нашата соговорничка.


Со текот на годините како се зголемувала побарувачката така го зголемиле и производството на сирење и годишно произведуваат од 7 до 8 тони овчо сирење. Освен сирењето, во нивната млекара се произведува и урда, кајмак, кисели млека и други млечни производи.
-Во земјоделството и сточарството секој ден е нов предизвик бидејќи се соочуваат со климатски промени кој за кратко време можат да ви го уништат трудот. Поради тоа последните години бројот на овци во државата постојано опаѓа. Од друга страна многу млади на сакаат да ја работат оваа работа бидејќи е тешка и сметаат дека малку се заработува, но моето искуство покажува дека не е така, вели Вангелина.

Таа ги охрабрува младите кој имаат земја да не ја запоставуваат, туку да почнат да ја обработуваат и ќе видат дека во државата може да се живее од земјоделство. Како и за секоја друга работа и за земјоделството и сточарството освен желба, потребна е претходна подготовка, но нејзиниот пример е доказ дека сè се учи ако се сака.
Освен заработка, таа додава дека со оваа работа можете да произведувате здрава храна за вас и за вашето семејство, да живеете во чиста и здрава средина и да ги почувствувате сите благодати на природата.

(А.С.)

ВЕЧЕР денеска го слави 57. роденден