„Нема добри потези, но неговото место во првиот тим на Реал (М) буквално е цементирано“. Феде Валверде ја пополни улогата која беше наменета за Пол Погба, големата желба на Зинедин Зидан, кој остана на „Олд Трафорд“, а францускиот стручњак мораше да се задоволи со Валверде.

„Модриќ се враќа по повредата. Хрватот е симбол на славната ера на Реал (М), но Валверде го истисна од првиот тим и сега е резерва“, вака пред еден месец пишуваше најчитаниот дневен весник во Шпанија – „Марка“, кој важи за близок до Реал (М).

Младиот, 21-годишен уругвајски интернационалец веќе три години е дел од „кралскиот клуб“. По калењето во резервниот тим и во Депортиво Ла Коруња, промовиран е во првиот тим на Реал (М). Неговиот подем истовремено значеше и пат на Лука Модриќ, кој поради честите повреди, но и годините, од стандарден првотимец стана резерва.

Сепак, четири недели подоцна, дојде до промена на ситуацијата и тоа во корист на Модриќ. Хрватот повторно е дел од почетниот состав, но и Валверде. Сега резервната клупа ја грее германскиот интернационалец Тони Крос. Феде Валверде експлодира во изминатите 30 дена и со право е миленик на Зи-Зу. На последните два натпревара постигна два гола и запиша две асистенции во победите над Еибар и Сосиедад, а против ПСЖ во ЛШ беше прогласен за најдобар играч. Откако го напушти зелениот терен во 75. минута, Реал (М) прими два погодока.

Два дена подоцна, Уругваецот беше награден со нов договор со важност до 2025 година и со ослободителна клаузула од 750 мил. евра. Од останатите играчи за врска, Крос има договор до 2023 година, Касемиро до 2023, а Модриќ до крајот на актуелната сезона.