Вакцините се речиси сигурно помалку ефикасни против новиот вид на коронавирусот, тврди британски биолог

118

Вакцините речиси сигурно ќе бидат помалку ефикасни против новата варијанта на коронавирусот што се шири од Африка, изјави за Би-Би-Си професорот Џејмс Нејсмит, биолог од Универзитетот во Оксфорд.

– Тоа е лоша вест, но не е крај на светот, рече Нејсмит, додавајќи дека вакцината ќе биде ефикасна до одреден степен, но веројатно помалку ефикасна отколку што беше кај претходните варијанти.

Нејсмит во интервју за Би-Би-Си додаде дека големиот број мутации забележани во новата варијанта може да сугерираат дека се работи за позаразен вид.

Но, биологот наведува дека нивото на зараза со вирусот не е толку едноставно и зависи од тоа како функционираат мутациите заедно.

Доколку новата варијанта се прошири побрзо, несомнено ќе стигне и во Велика Британија, рече тој, додавајќи дека забраната за летови од Јужна Африка и соседните земји ќе го одложи пристигнувањето на новата варијанта за неколку недели.

Но, Нејсмит вели дека не треба да се очајува. Вакцините ќе имаат одреден ефект врз новата варијанта, а се појавуваат и нови лекови кои речиси сигурно нема да бидат засегнати од мутациите во новата варијанта, пренесува Би-Би-Си.