Вакцините за сезонски грип се порачани, ама долго патуваат до Македонија

Фрижидерите подготвени за 40.000 дози вакцини за инфлуенца

118

Како што информираат од ресорното министерство за весникот ВЕЧЕР тие навреме ја спровеле тендерската постапката, потпишале договор за набавка, а сега чекаат производителот да ја реализира нарачката. И годинава ќе има бесплатни вакцини кои се наменети за стари лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници и бремени жени. Комерцијалните вакцини ќе чинат 600 денари и ќе бидат аплицирани во Центарот за јавно здравје -Скопје. Епидемиолозите предупредуваат дека заштитата од вирусот на грип оваа сезона е од големо значење, имајќи ги предвид компликациите кои можат да настанат доколку во исто време се здружат и грипот и коронавирусот.

 

Вакцините за заштита од сезонски грип се порачани, ама тие сè уште не се пристигнати во земјава. Имунизацијата која требаше да се реализира во октомври ќе стартува најверојатно во средината на  ноември, иако Министерството за здравство  уште пред две недели потпиша договор за набавка на 40.000 дози на четиривалентни вакцини од францускиот производител од кои и лани беа набавени.

Како што информираат од ресорното министерство за весникот ВЕЧЕР тие навреме ја спровеле тендерската постапка, потпишале договор, а сега чекаат  производителот да ја реализира нарачката.

-Министерството навремено ја спроведе набавката на вакцини за сезонски грип, но достапноста и испораката на вакцините зависи од производителите. Граѓаните кои се вакцинирале со вакцина против ковид-19, во рок од две недели, односно 14 дена, по примената втора доза, може да се вакцинираат со вакцина против сезонски грип – е препораката на Комисијата за имунизација – велат од министерството. 

Според нив бесплатните вакцини против грип се наменети за стари лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници и бремени жени.

Според  последниот неделен извештај  на Институтот за јавно здравје, бројот на заболени од сезонски грип во моментот не е загрижувачки, пријавени се само шест лица кои заболеле од инфлуенца. Сите заболени лица се регистрирани од Гостивар, две од нив се од возрасната група од 15-64 и четири лица се на возраст над 65 години.

Од ИЈЗ  информираат дека повозрасните граѓани веќе се јавуваат и прашуваат кога ќе може да се вакцинираат. Д-р Јузиме Бајрами, началник на епидемиолошкото одделение во Центарот за јавно здравје – Скопје, за весникот ВЕЧЕР вели дека и кај нив се јавуваат граѓаните и прашуваат кога ќе почне имунизацијата. Како што посочува Бајрами тие се подготвени  во нивните фрижидери да ја примат вакцината за сезонски грип, само да им биде испорачана.

-Распоредувањето на вакцините очекуваме да биде во ноември. Лицата што треба да ја примат вакцината бесплатно, како што се хронично болните, постарите треба да си закажат преку матичните лекари и Мој термин за да бидат распоредени. Во нашиот центар ќе има околу 4.000 дози на вакцини за грип кои ќе се даваат комерцијално и ќе чинат 600 денари, исто како и лани – објасни д-р Бајрами.

Епидемиолозите предупредуваат дека заштитата од вирусот на грип оваа сезона е од големо значење имајќи ги предвид компликациите кои можат да настанат доколку во исто време се здружат и грипот и коронавирусот.

Епидемиологот д-р Александар Стојанов, кој е експерт за вакцинација, објасни за весникот ВЕЧЕР дека се согласува дека лицата што ќе примат трета доза, можат во исто време да се вакцинираат и од сезонски грип.

Според него, истовременото аплицирање на двете вакцини нема да предизвика никаков здравствен проблем, напротив, како што вели, луѓето на овој начин се заштитуваат од двете инфекции.

Д-р Стојанов, кој долги години беше директор на Центарот за јавно здравје -Скопје вели дека имунизацијата е единственото решение да се биде спремен кога ќе почнат инфекциите да може да е подготвен организмот за сезонската инфлуенца.

– Може да се вакцинира во едната рака со трета доза на вакцина за ковид-19, а во другата рака да примите вакцина за заштита од грип и нема да има никаков проблем. Ако во истиот ден не се примат двете вакцини, ќе треба да се чека еден месец, за да може да се вакцинирате со другата – вели д-р Стојанов за весникот ВЕЧЕР и препорачува дека имунизацијата треба да се направи што поскоро за да стекнете имун одговор, оти на помладите им е потребно две недели, а на постарите три до четири недели.

Над 20 илјади граѓани примиле трета доза

Како што информираат од Министерството за здравство заклучно со 26 октомври вкупно се вакцинирани 802.705 граѓани, ревакцинирани се 772.424,  а трета доза примиле 20.119 граѓани. Со ова, посочуваат тие околу 54% од граѓаните над 40-годишна возраст се ревакцинирани, а 33% од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

-Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57%, а со две дози опфатени се 46% од граѓаните над 18 години – велат од здравство.

Според бројот на аплицирани вакцини, 38% од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35% од популацијата во државата примила две дози вакцина.

(В.Ма.)