Вакцинирано 0.77 отсто од населението во Грција

71

Од 27 декември до денеска попладне во Грција се вакцинирани 84.831 граѓани, односно 0,77 отсто имунизациска покриеност, рече генералниот секретар од Министерството за здравство, Мариос Темистоклеус, на денешната редовна пред конференција за текот на вакцинацијата во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Во саботата започна имунизацијата на населението со лицата над 85 годишна возраст, а веќе 6.000 ја примиле првата доза.

Грција денеска доби нова пратка од Фајзер, 49.160 дози од вакцините,  помалку од очекуваното и најавеното, а Темистоклеус објасни дека и покрај намалениот број нови пратки, сепак не постои опасност оние кои ја примиле првата доза од вакцината да не ја примат втората.

Во Грција денеска беа соопштени 320 нови случаи на Ковид-19 и 19 смртни случаи.

Од почетокот на епидемијата регистрирани се 148.925 заразени лица, а починаа 5.488 лица.