Како што потврдуваат за весникот ВЕЧЕР од Институтот се работи за жена која е на 52-годишна возраст и е од Тетово. Според нив пациентката била веќе имунизирана кога се заразила по трет пат. -Пациентката при сите три заразувања за среќа поминала со полесни симптоми и не била хоспитализирана –вели д-р Шабан Мемети директор на ИЈЗ. Во Македонија, регистрирани се вкупно 522 пациенти кои се заразиле двапати. Од пријавените случаи нареинфекција, петмина пациенти починале.

 

Институтот за јавно здравје(ИЈЗ) регистрира единствен случај во земјава на лице кое што три пати се заразило со коронавирусот. Како што потврдуваат од Институтот, за весникот ВЕЧЕР, се работи за жена која е на 52-годишна возраст и е од Тетово. Според нив пациентката била веќе имунизирана кога се заразила по третпат.

-Пациентката при сите три заразувања за среќа поминала со полесни симптоми и не била хоспитализирана – вели д-р Шабан Мемети, директор на ИЈЗ.

Тетовката првиот позитивен тест го имала во јули лани, а реинфицирањето било во декември 2020 година. Жената се заразила со ковид-19 и летово во јули и покрај тоа што веќе била имунизирана со две дози на вакцина. Таа сега е во добра здравствена состојба, иако има хронични заболувања.

Во последниот извештај на Институтот се вели дека за време на целата епидемија во Македонија, регистрирани се вкупно 522 пациенти кои се заразиле двапати. Од пријавените случаи нареинфекција, петмина пациенти починале.
ИЈЗ во последната анализа бележи најголем раст на позитивни случаи кај децата до 9 години. Минатата недела регистрирани од вкупно 3.340 заразени, а 143 случаи се деца до 9 години што е за 50,5 % повеќе од претходната седмица. Според анализата пораст на заболени од 8,2 отсто има и кај лицата од 10 до 19 години.

Во детскиот ковид-центар во Институтот во Козле во моментот хоспитализирани се 19 деца на возраст од 1 месец до 16 години. Од нив четири деца се на кислородна поддршка.

Во извештајот на ИЈЗ е наведено дека минатата недела регистрирани се 23 реинфекции, а за само 7 дена од ковид починале 154 лица. Од почетокот на пандемијата борбата со вирусот ја изгубиле и седум трудници и 31 здравствен работник.

Од кога почна вакцинацијата во Македонија од 17 февруари годинава досега имунизирани се 774.422 лица, од кои што 690.806 со втора доза. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 187.622, бројката на оздравени пациенти е 168.700, на починати е 6.489 . Бројот на активни случаи изнесува 12.433 лица кои се распоредени во 32 града во Македонија.
Од министерството за здравство постојано укажуваат дека вакцините се безбедни и ефикасни и претставуваат единствен начин да се победи пандемијата. Според нив само со целосна вакцинација се намалува шансата од заболување, се спречува тешка форма на болеста, хоспитализација и смртен исход.

Според д -р Ана Банко, виролог од Институтот за микробиологија и имунологија на Медицинскиот факултет во Белград вирусот брзо се шири и делта сојот освен од болни, се пренесува и од асимптоматски заразени лица, но и вакцинирани лица. Карактеристика на овој сој на вирусот е што го пробива имунитетот.

-Целта на масовната имунизација е да спречи смртен исход, да му помогне на целокупниот здравствениот систем полесно да се справи со пандемијата но и да го запре или забави ширењето на вирусот, и конечно да спречи вирусот да се промени и да стане поотпорен и потентен – вели д-р Банко.

Според неа најверојатно во одреден момент ќе се вратиме на нормалниот живот, но тешко е да се одговори прашање кога тоа ќе се случи, дали ќе биде во 2022 година. Тоа ќе зависи од опфатот на вакцинацијата, еволуцијата на вирусот и стилот на животот.

-Истражувањата покажуваат дека имунитетот на вакцинираните и оние кои што прележале опаѓа за шест месеци. Но по давањето на третата доза на вакцина за две до три недели расте повторно имунитетот, а бројот на заразени опаѓа-вели д-р Банко.

(В.Ма.)