Вакцина прилагодена на „омикрон“ за 100 дена

486

Производителите на вакцини изразија уверување дека ќе можат брзо да ги прилагодат своите вакцини доколку се прошири омикрон варијантата на коронавирус.

Фајзер и Бионтек очекуваат дека ќе можат да развијат и произведат приспособена вакцина против таа варијанта за приближно 100 дена, под услов да бидат одобрени од регулаторните тела.

Новиот сој, порано познат како B.1.1.529, се карактеризира со некои загрижувачки мутации, а раните докази сугерираат дека носи зголемен ризик од повторна инфекција.

Се стравува и дека оваа варијанта би можела да биде поотпорна на досега произведените вакцини.

Модерна соопшти дека има унапредено сеопфатна стратегија за предвидување нови варијанти од почетокот на 2021 година, вклучувајќи три нивоа на одговор доколку ослабне имунитетот што го нудат нејзините вакцини.

Новавакс додаде дека веќе почнала да создава вакцина против ковид-19 врз основа на познатата генетска секвенца B.1.1.529 и дека ќе биде подготвена да започне со тестирање и производство во следните неколку недели.

Светската здравствена организација објави дека го именувала новиот вид на коронавирус, „омикрон“, според буквата од грчката азбука. Претходно, СЗО го класифицираше новиот сој како „загрижувачки.

Новиот сој Б.1.1.529 е причина за загриженост и може да се шири побрзо од другите варијанти, а прелиминарните истражувања покажуваат дека оваа варијанта носи поголем ризик од реинфекција од другите соеви, се вели во соопштението на СЗО.