Вакцината не е скафандер – бустер дозата наместо на шест, се дава на пет месеци

НОВИ ПРАВИЛА ЗА ДАВАЊЕ НА ТРЕТА ДОЗА НА ВАКЦИНА ЗА ЗАШТИТА ОД КОВИД-19

495

Во Македонија за две недели со бустер доза се имунизирале околу 600 граѓани, најголемиот дел здравствени работници, бидејќи тие први се ревакцинираа, а оттогаш се поминати потребните шест месеци за да се прими трета доза. За разлика од кај нас се почесто во други земји од светот како Израел, но и од регионот како Србија и Црна Гора се смета дека третата доза може да се прими и порано, односно по пет месеци од аплицираната ревакцина.

Трета доза на вакцинација за заштита од опасниот коронавирус стана реалност. Во Македонија за две недели со бустер доза се имунизирале околу 600 граѓани, најголемиот дел здравствени работници, бидејќи тие први се ревакцинираа, а оттогаш се поминати потребните шест месеци за да се прими трета доза. Во земјава засега одобрена за трета доза е вакцината на „Фајзер“.

За разлика од кај нас сè почесто во други земји од светот како Израел, но и од регионот како Србија и Црна Гора се смета дека третата доза може да се прими и порано, односно по пет месеци од аплицираната ревакцина.

Националниот координативен тим за имунизација во Србија во понеделник треба да му предложи на кризниот штаб да одобри бустер дозата да се дава на пет месеци, а не како досега на шест. Во Србија околу четири милиони дози се дадени од кинеската вакцина. Најновата студија на стручните лекари во Кина утврдила дека на пет месеци треба да се даде трета доза, оти во тој период драстично го зголемува имунитетот и бројот на антитела кај човекот.

Професорот и познатиот имунолог д-р Душан Попадиќ вели дека треба да се земе предвид и примерот на Израел каде има најголем број на имунизирано население. Таму според него трета доза се аплицира на пет месеци. Тој укажува дека и анализите на ковид-центрите во Србија покажале дека најмногу од вакцинираните пациенти се заразиле по пет месеци, а не по три или четири од примената ревакцина.

Во Србија бустер дозата може да се прими од кој било производител, граѓаните сами одлучуваат за тоа. Кај нашиот сосед трета доза можат да примат граѓаните од сите возрасти каде со две дози не е постигнат соодветен имунолошки одговор,а кај нас само лицата над 60 години, здравствените работници и лицата со имунокопромитрирачки состојби.

Во Црна Гора третата доза исто така е одобрена за сите полнолетни граѓани и таа се аплицира по пет месеци од ревакцината. За старите над 60 години трета доза се препорачува со вакцината на „Фајзер“, а за помладите со истата вакцина од претходните две дози.

Според информациите на нашето Министерството за здравство досега во земјава се вакцинирани 793.179 граѓани, ревакцинирани се 743.374, а трета доза примиле 571 граѓанин.

Во Србија како што деновиве информираше премиерката Ана Брнабиќ вакцинирани се 2.907.688 лица, што е 54 проценти од полнолетната популација, а 2.793.425 лица се ревакцинирани, што е 52 отсто. Третата доза ја примиле 655.370 луѓе или 12 проценти од населението.

Американската фармацевтска компанија „Фајзер“ деновиве информираше дека од Управата за храна и лекови (ФДА) побарала дозвола вакцината против Ковид-19 да се аплицира на деца од пет до 11 години.

Вакцината на „Фајзер“ досега е одобрена за тинејџерите на возраст од 12 до 15 и за постари од 16 години.

(В.Ма.)