Буџетот е на сите во државата, сè што е добро да се прифати!

 Премиерот Зоран Заев  за предложените 350 амандмани  кои треба да го подобрат  Предлог-буџетот за 2020 година вели да се прифати тоа што е добро и реално, но не и, како што вели, политиканство, оти буџетот е на сите граѓани во земјава  

176

Предлог Буџетот за 2020 година кој е историски најголем и е проектиран на 3,6 милијарди евра ги скара позицијата и опозицијата. Експресно  за тоа како е скроена државната каса се поднесени 350 амандмани, од кои само 314 од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Расправата  е веќе почната во матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет каде има контрадикторни ставови од тоа дека предлог-буџетот според едни е развоен, а според други популистички.

По министерката за финансии Нина Ангеловска која се пофали дека во центарот е човечкиот фактор и дека ќе има доволно пари за зголемување на парите во повеќе сектори, се изјасни и премиерот Зоран Заев, кој порачува од поднесените амандамани на Предлог-буџетот за 2020 да се прифати тоа што е добро и реално, но не и, како што вели, политиканство.

– Моите насоки до Министерството за финансии е за се што е добро и реално возможно прифаќајте, да се вградиме сите, Буџетот е на сите во државата. Така што тоа што е прифатливо да, а тоа што е апсолутно само политиканство, државата мора да го држи серозниот аспект на приходната и расходната страна заради сериозна реализација на Буџетот,  потенцира Заев.

За опозицијата ова е популистички и предизборен буџет со кој се потценуваат граѓаните се жртвува развојот на економијата и на државата. Граѓаните, според пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Кузмановска, може да очекуваат реализација на само пет проценти од вкупните расходи за капитални инвестиции.

За нејзиниот сопартиец Илија Димовски, целосно е неприфатлива тезата дека буџетот е насочен кон инвстиции во човечки капитал затоа што, како што оцени, тоа подразбира вложување во знаење, а не давање дополнителни пари.

Панче Иванов од владејачката СДСМ оцени дека Предлог-буџетот заслужува поддршка поради реалноста на проекции што се содржани во него, како и поради фокусот за вложување во човечки капитал.

Според Реџаил Исмаили од ДУИ, реално е буџетот да биде фокусиран на човечкиот капитал во ситуација кога од цел Западен Балкан вклучително и од државава има постојано иселување на младите и на експертите.

(В.Ма.)