Бунт на мигрантите на полската граница: „Или Германија, или вратете не во Ирак“

106

Група мигранти демолираа прифатен центар во западна Полска, барајќи подобри услови или да бидат префрлени во Германија или Ирак, соопшти денеска полскиот заменик-министер за внатрешни работи Мациеј Васик.

– Вчера се случи она што мислам дека треба да се нарече бунт. Група од над 100 мигранти почнаа да ги уриваат зградите во кои живеат, кршејќи прозорци, кршејќи надворешни решетки, уништувајќи опрема, столици, постелнина, кревети, барајќи или слобода или подобри услови, транзит во Германија или депортација во Ирак, изјави Васик за државното радио.

Тој рече дека околу 600 луѓе биле во центарот и оти многумина се приклучиле на групата, но полицијата и граничарите брзо ја ставиле ситуацијата под контрола. Станислав Зарин, портпарол на полските специјални служби, во одвоено радио интервју изјави дека повеќето мажи биле од Ирак кои сакаат да одат во Западна Европа, најмногу во Германија.

Полската гранична полиција денеска соопшти дека 217 лица вчера се обиделе илегално да ја преминат полската граница од Белорусија.