Бугарски историчар предлага да се откријат сите македонски политичари со бугарски пасош

177

Би било добро Министерството за надворешни работи на Бугарија во даден момент да ги објави имињата на оние општествени или политички дејци во Северна Македонија кои навистина имаат бугарски пасоши, порача бугарскиот професор Светлозар Елдеров, историчар од Институтот за балканистика на Бугарската академија на науките.

„Во случајот со Данела Арсовска беа покажувани некакви лични карти и таму едната страна одрекуваше, а другата инсистираше. Мислам дека нашите власти не можат да ја остават без последици таа шашма со симболите на бугарската државност. Во практика, или е вистина, или е лага. И во двата случаја бугарското министерство мора да направи нешто. Политичките лидери за кои се говори некаде јавно, а некаде неофицијално – дека имаат пасоши – треба или сами да излезат и да кажат, или бугарското Министерството за надворешни работи да го направи тоа наместо нив. Бидејќи, да си Бугарин и да имаш бугарски пасош и бугарско државјанство, кога законот тоа го дозволува, не е конспирација, туку чест, достоинство и законско право“, потенцира Елдеров во интервју за бугарското Радио „Фокус“.

Замолен да прецизира дали смета дека бугарското МНР треба да излезе со таков податок само за Данела Арсовска, тој вели дека кругот треба да биде многу поширок.

„Не само за неа. Сите македонски лидери, политичари, новинари, кои се активни во јавниот простор во Северна Македонија и имаат бугарска лична карта, или да го изјават тоа лично, или бугарското МНР да го направи тоа наместо нив, за да не се дава повод бугарското државјанство да се користи во политичката борба во Северна Македонија како нешто нелегално, нешто грозно, нешто ужаснувачко, безмалку како национално предавство. Тоа е мојот предлог“, вели Елдеров.