Односите меѓу ЕУ и Република Северна Македонија влегоа во нова фаза по прифаќањето на францускиот предлог. Познато е дека внесувањето на Бугарите во Уставот е следниот чекор што државава треба да го направи за отворање на преговарачките поглавја за зачленување во ЕУ. Но, останува непознато дали натамошниот напредок во преговорите за приклучување на Унијата ќе зависи само од реформскиот напредок или и од решавањето на билатералните прашања со Бугарија. Брзината на евроинтеграциите ќе зависи и од поддршката на останатите членки на ЕУ, а дел од нив се расположени процесот на преговори да биде што подолг.

Во својата анализа австрискиот весник „Виенер цајтунг“ токму Франција и претседателот Емануел Макрон ги посочува како кочничари на брзото проширување на ЕУ.

„Додека австриската федерална влада се залага ЕУ да ги вклучи сите земји од Западен Балкан, Франција традиционално ги кочи. Макрон бара ЕУ да ги реформира институциите и процесите на одлучување пред проширувањето“, се наведува во анализата на виенскиот весник.

Макрон е мозокот на Европска политичка заедница (ЕПЗ), истакнува „Виенер цајтунг“, додавајќи дека неговата основна порака по неговиот реизбор, во мај, била : „Со оглед на нејзиниот степен на интеграција и нејзините амбиции, ЕУ не може да биде единственото средство за структурирање на европскиот континент на краток рок“. Весникот појаснува дека оваа изјава е насочена пред сè кон Украина и Молдавија, кои аплицираа за влез во ЕУ веднаш по почетокот на руската инвазија. Но, како што додаваат, Макрон е скептичен и за петте земји кои со години се кандидати за членство во ЕУ: Албанија, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Турција.

Чешка, како домаќин на Самитот на ЕПЗ, првично беше скептична кон новата политичка иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон. Иницијативата за ЕПЗ во Прага дури отворено ја нарекоа „макронова стапица“, со забелешки дека одредени држави на ЕУ го користат тој формат за да го одложат проширувањето на ЕУ, меѓу останатите и со државите од Западен Балкан.

„Скептичните земји како Франција би можеле да им понудат на земјите-кандидати европска политичка заедница и да ја направат вечна чекална за ЕУ“, рече европратеникот Александар Вондра, поранешен министер за одбрана во владите на Граѓанската демократска партија.

Но, ЕУ претставниците постојано повторуваат дека ЕПЗ не е замена за ЕУ.

– Европската политичка заедница не е никаква замена за процесот на проширување, ниту за пристапниот процес на вашата земја. Вашиот пат кон ЕУ е веќе многу јасен, објаснет на многу детален начин и вие сте веќе на тој пат на којшто сите чекори се многу добро етаблирани, изјави вчера во Кавадарци шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава Дејвид Гир.

Од друга страна токму Макрон и неговата администрација преку „францускиот предлог“ ја кренаа бугарската рампа и овозможија македонските преговори да мрднат од мртва точка. Но, со овој предлог беше направен и преседан со вметнување на билатералните прашања во преговарачката рамка, што остава простор за нови бугарски условувања за време на македонските преговори.

Ако се суди според однесувањето на бугарските европратеници внесувањето на Бугарите во Уставот не ги задоволува нивните апетити. Денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски соопшти дека вчера бугарски европратеници побарале бришење на македонскиот јазик преку амандмани на Мешовитиот парламентарен комитет во Стразбур.

„Иако декларативно и постојано нѐ убедуваат дека македонскиот јазик е „заштитен“, конечно гледаме дека тоа не е вистина. Очигледно, само Владата на Република Македонија не ја гледа или не сака да ја види бугарската негаторска и асимилаторска политика кон Македонија, македонскиот народ и македонскиот јазик. Имено, последниот доказ за тоа е заедничкиот став на бугарските европратеници. Без разлика од која политичка опција доаѓаат, тие бараат БРИШЕЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК. Ова повеќе не се само желби искажани напразно, ова е веќе официјална политика на Бугарија кон Македонија, која што во текот на вчерашниот ден, уште еднаш се потврди преку амандмани на Мешовитиот парламентарен комитет во Стразбур, поднесени од страна на бугарските европратеници каде побараа бришење на македонскиот јазик. Како едни од подносителите на овие амандмани се вбројуваат и Сергеј Станишев, претседател на Групата на социјал-демократи во Европскиот парламент и поранешен премиер на Бугарија, како и од Александар Јорданов, од Сојузот на демократски сили и поранешен амбасадор во Македонија. Значи, без разлика на која политичка опција припаѓаат бугарските претставници и државници, бугарската политика и дипломатија кон македонското прашање не се менува. За жал, тоа не е случај и кај нас. Токму затоа, уште еднаш јасно и гласно кажувам дека решението не е во ова што ни се нуди и упорно ни се сервира како опција која што треба и мора да ја прифатиме. Ве уверувам дека ова нема да биде последната уцена и вето кон Македонија од страна на бугарската страна, бидејќи токму штетниот Договор за добрососедство потпишан од страна на македонската влада го дозволува тоа“, напиша вчера на својот фејсбук профил Мицевски.

(И.С.)