Бугарскиот премиер Петков утре пристигнува во официјална посета на земјава

61

Премиерот Димитар Ковачевски утре ќе го пречека неговиот бугарски колега Кирил Петков кој ќе пристигне во еднодневна официјалната посета на нашата земја заедно со Кристиан Вигенин, заменик-претседател на Народното Собрание на Република Бугарија, и со бугарските министри за надворешни работи и за транспорт и врски, Теодора Генчовска и Николај Сабев.

Според најавите од Владата, на аеродромот во Скопје владината делегација на Република Бугарија ќе ја пречека министерот за надворешни работи Бујар Османи по што се очекува да започне официјалниот дел на посетата со церемонијалниот пречек со високи државни и воени почести пред Владата на Република Северна Македонија.

Бугарската делегација ќе ја пречека премиерот Димитар Ковачевски, придружуван од потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министрите за надворешни работи и за транспорт и врски, Бујар Османи и Благој Бочварски, како и од членови на Канцеларијата на претседателот на Владата и на Министерството за надворешни работи.

Според агендата за посетата, премиерите Ковачевски и Петков ќе имаат тет-а-тет средба, а одделни средби ќе имаат и вицепремиерот Бојан Маричиќ со потпретседателот на бугарското Народно Собрание, Кристиан Вигенин, министрите за надворешни работи на двете држави, Бујар Османи и Теодора Генчовска, како и министрите за транспорт и врски Благој Бочварски и Николај Сабев.

Програмата за посетата потоа предвидува пленарен состанок на двете делегации со кој ќе претседаваат премиерите Ковачевски и Петков после што ќе следува и нивна заедничка прес-конференција.

Премиерите Ковачевски и Петков, потоа, во Клубот на пратениците, официјално ќе го промовираат проектот за помош во развојот  „Електронски дневник за лица со дијабетес“, кој премиерот Петков ќе му го врачи на премиерот Ковачевски како донација на Република Бугарија.

Во преостанатиот дел од агендата за посетата на делегацијата на Република Бугарија, премиерот Петков ќе има одделни средби со претседателот Стево Пендаровски и со претседателот на Собранието Талат Џафери.

Официјалната посета е предвидено да заврши во вечерните часови после што владината делегација на Република Бугарија ќе замине за меѓународниот аеродром Скопје на лет за Софија.