Бугарската Влада планира до 1 јануари 2024 година да добие пристап до еврозоната

52

Бугарската Влада планира да формира Координативен совет за подготовка на земјата за членството во еврозоната. Според нацрт-уредбата, што е пуштена за јавна расправа, Координативниот совет ќе има двајца копретседавачи – гувернерот на Бугарската народна банка (БНБ) и министерот за финансии, јави дописникот на МИА од Софија.

До 30 јуни 2021 година, Координативниот совет до владата мора да достави Национален план за воведување на еврото во Бугарија. Посакуваниот датум на владиниот кабинет за усвојување на европската валута е 1 јануари 2024 година.

Во ова специјализирано тело ќе учествуваат шефовите на експертските работни групи, заменик министерот за надворешни работи, заменик министерот за правда, заменик министерот за внатрешни работи, претседателот на ДАНС, заменик министер за транспорт и член на политичкиот кабинет на премиерот. На покана на гувернерот на Бугарската народна банка и министерот за финансии на состаноците на Координативниот совет ќе можат да учествуваат и други државни и општински институции, невладини организации и луѓе од бизнисот.

Во своето последно, јануарско, објавување за членството на Бугарија во „чекалната во еврозоната“, ЕЦБ соопшти дека инсистира на одржување на економската и финансиска стабилност за да може земјата да ја пушти во зоната на единствената валута. Институцијата од Франкфурт тогаш истакна дека е задоволна од надминувањето на макроекономската неизбалансираност, но додаде дека, сепак, е потребен значителен напредок во однос на квалитетот на институциите и управувањето.

ЕЦБ истакна дека од Бугарија се бара да има и „висок степен на одржлива конвергенција“ на  економијата со таа на еврозоната. Извештајот за конвергенција на ЕЦБ и Европската комисија, која ја проценува подготвеноста на земјите за пристап, е клучен и за Бугарија. Редовната рецензија се објавува на секои две години, што значи дека следната проценка ќе биде објавена во јуни 2022 година. Тогаш ќе стане јасно дали Бугарија ги исполнува барем формалните критериуми за членство – нивото на инфлација, долгот и буџетскиот дефицит.