Софија ја отфрла предложената преговарачка рамка на Европската комисија и планира повторно да го блокира Скопје во јуни поради билатерални прашања поврзани со историјата и културата, кои никогаш не биле дел од ниту една преговарачка рамка. Албанија сега бара да биде одвоена од Македонија, одвојување што го поддржува Бугарија, но не и голем број други земји членки на ЕУ

 

По скандалот во Битола, ладен туш вчера стигна од Брисел. Иако се очекуваше дека Европската комисија ќе ја коментира контроверзната посета на бугарската делегација и отворањето на бугарскиот културен клуб со името на докажаниот антимакедонист Ванчо Михајлов во Битола на Широк Сокак, тоа не се случи. Напротив, според информации на агенцијата МИА од Брисел, Бугарија ја отфрла предложената преговарачка рамка на Европската комисија и планира повторно да ја блокира Македонија во јуни поради билатерални прашања поврзани со историјата и културата, кои никогаш не биле дел од ниту една преговарачка рамка. Албанија сега бара да биде одвоена од Македонија, одвојување што го поддржува Бугарија, но не и голем број други земји членки на ЕУ.

На редовниот брифинг со новинарите, портпаролката Ана Писонеро изјави дека Македонија и Албанија заслужуваат старт на преговорите и повтори дека Комисијата останува на ставот дека Бугарија и Македонија треба да изнајдат „заедничко прифатливо решение“ за спорот. Таа не одговори на прашањето дали условите што ги поставува Софија – промена на Уставот пред стартот на преговорите со ЕУ, промена на учебниците, итн. – се услови што Комисијата ги одобрува и покрај тоа што е јасно дека тие не се дел од Копенхашките критериуми, кои ЕК е должна да ги почитува како чувар на Повелбите на ЕУ.

– Знаете добро дека условите за влез во ЕУ се тие што се, тие не се сменети се разбира. Второ, знаете добро дека за да започнат преговорите за пристапување, земјите членки треба да ја одобрат преговарачката рамка. Комисијата веќе пред некое време го поднесе својот предлог до Советот. Дискусиите се во Советот и продолжуваме да ги охрабруваме Северна Македонија и Бугарија да постигнат заеднички прифатливо решение за постоечките билатерални прашања за да напредуваме со процесот. Од наша перспектива, ситуацијата е многу јасна: Северна Македонија и Албанија заслужуваат да одат напред и се надеваме на овој чекор што поскоро – изјави Писонеро, која повторно не одговори на прашањето за прифатливоста на бугарските билатерални услови.

Писонеро не ја коментираше посетата на бугарската делегација во контроверзно именуваниот центар во Битола, а не реагираше ниту на осудата од страна на Еврејската заедница.

За тоа дали со последниот инцидент е прекршен преговарачкиот процес со Бугарија, шефот на македонската дипломатија Бујар Османи рече „сигурно е ставена дамка на односите, на разговорите и на преговорите“, но оти не може да дозволи тоа да го урива процесот.

– Еве ќе кажам, иако тоа не е во ред, тоа можам да го кажам само на маса, не по медиуми. Ние не можеме да ги внесеме Бугарите во Уставот пред почетокот на преговорите и тоа нема да се случи, и тоа го кажувам една година. Не поради тоа што не сакаме, едноставно не можеме – изјави Османи. МНР, посочи тој, не реагира по емоции, туку по стратегијата и интересите на државата – оваа земја да биде членка на ЕУ, штитејќи ги интересите и позициите утврдени од Парламентот. Според Османи, дел од присутните на настанот во Битола имале и намера да испровоцираат наша реакција и да покажат пред светската јавноста дека овде не се почитуваат човековите права.

Тој вели дека провокација е името на клубот, а не неговото отворање.

– На друг клуб, со друго име, ќе бидеме таму, ќе охрабриме и сметаме дека бугарската заедница овде може и е мост на зближување помеѓу двете држави, но не на ваков начин. Дадовме јасна порака со тоа што не бевме присутни таму и нема да бидеме сè додека стои тоа име на клубот – рече Османи. На прашањето дали ќе побара отворање на македонски клуб во Бугарија, Османи одговори дека во Софија веќе има македонски КИЦ.

Во одговор на тоа на кој начин е регистрирано здружението, имајќи ја предвид вчерашната изјава на тогашната министерка за правда Рената Дескоска која кажа дека во 2019 Министерството за правда не дало одобрение за употреба на името Иван Михајлов, Османи истакна дека тоа не е надлежност на МНР. Повтори дека барањето за посета на бугарската делегација на отворањето на културниот дом во Битола пристигнало од потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, а потоа се приклучил и бугарскиот премиер Кирил Петков.

–  Се разбира дека една од нашите претпоставки беше дека посетата токму на центар кој носи име што овде е контроверзно, може да има и задни намери, дека спорот е спор за човекови права и дека бугарската заедница не ги ужива своите права тука и не ги исполнуваме Копенхашките критеруми – изјави Османи.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, професорката Гордана Силјановска- Давкова, истакна дека е европски и бугарски срам да се замижува пред ноторниот факт дека Бугарија ја потпиша Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства во 1997, ја ратификува во 1999, а истата година стапи во сила. Таа вели дека европска и бугарска хипокризија е да се негираат 16 пресуди против Бугарија за оневозможување на правата на македонското малцинство во Бугарија. Додава дека најголем срам е да се „заборави” дека модерна Европа е заснована врз антифашистички темели. Повампирениот фашизам, чиј изданок е михајловизмот, не смее да се толерира ниту за миг, никогаш и никаде.

– Премиер на членка на ЕУ, во друштво на највисоки политички функционери да учествува во отворање на „ културен” центар со име на личност со документирано фашистичко искуство, не е добрососедски културен, туку антиевропски чин – вели, меѓу другото, професорката по уставно право. (Е.А.)