Бугарите ќе влезат во македонскиот Устав кога Македонија ќе влезе во ЕУ

169

Бугарите ќе влезат во македонскиот Устав кога ќе влезе Македонија во Европската Унија. Иако за ова барање, кое е дел од Патоказот 5+1 не се разговараше на средбата на македонската и бугарската делегација во Софија, сепак, македонскиот премиер Димитар Ковачевски остави простор од временска дистанца кога би можело и тоа да се случи. Тој нагласи дека отварањето на Уставот е процес што треба да ги помине сите фази и потенцирајќи дека таа промена ќе биде поврзана со евроинтегративниот процес во земјата. Во однос на заштита на правата на малцинствата, истакна дека ситуацијата во нашата земја е јасна, дека индивидуалните права се остваруваат колективно, но оти има држави во коишто тоа не е случај, како што е Бугарија.

– Постојат држави како што е Република Северна Македонија каде што индивидуалните права се остаруваат колективно. Во нашиот устав освен македонскиот народ има и албански народ и другите кои ги сочинуваат другите заедници кои се дел од уставот и нормално доколку и други граѓани во државата кои што се самоопределуваат на друг начин и тие може да побараат да бидат дел од Уставот. Тоа е нормално процес кој што поминува низ уставните измени кој што има повеќе чекори и во кој се вклучени повеќе институции и доколку тоа се случи, а нормално дека такво нешто се случува на патот на една држава кон ЕУ, бидејќи тогаш се отвора уставот со цел и други адаптирања се направат. Тогаш низ тој процес секако дека ќе бидат опфатени и тие прашања врз основа на барањата на граѓаните, изјави премиерот Ковачевски.

За тоа дали воопшто на средбите станало збор за македонското малцинство, Ковачевски брифира оти во случајот со Бугарија постојат и други механизми за заштита на нечии права во однос на нивното самоопределување, разни меѓународни институции, како што е Советот на Европа.

Прашањето за правата на граѓаните од Македонија со бугарска самосвест и нивното впишување во Уставот како едно од спорните политички прашања кои го попречуваат почетокот на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, било отворено на разговорите меѓу Ковачевски и бугарскиот претседател Румен Радев. Радев рекол дека впишувањето на македонските Бугари во Уставот, гарантирањето на нивната рамноправност со другите народи во земјата, ќе даде поттик и можност Бугарија да ја отвори вратата за почеток на преговорите за членство.

– Заедно со тие механизми, кои ги разгледувавме и претходно во пакетот „5+1“, сега веќе 4+1, ќе имаме неповратност и јасни механизми, кои ќе гарантираат и отстранување на јазикот на омраза од двете страни , истакнал Радев.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, во пресрет на заедничката седница на владите на двете земји, во интервју за бугарски медиум, на прашањето како гледа на вклучувањето на македонските Бугари, како народ, во Уставот, вели дека не гледа ништо проблематично во вклучувањето на која било друга етничка заедница и во нејзиното интегрирање, но и во покажувањето одговорност и лојалност кон државата.

– Не гледам ништо проблематично за да се вклучи која било друга етничка заедница, да се интегрира, но и да покаже одговорност и лојалност кон државата. Конкретно, можам да зборувам за Рамковниот договор, како претставник на етничка заедница која имаше корист од Рамковниот договор, но тоа не беше само за Албанците, Турците, Србите, Власите и Ромите туку може и Бугарите да станат дел од него, вели тој.

Од опозициските партии, пак, велат дека договорот со Бугарија претставува грешка, бидејќи нема реципроцитет.

– Ако Бугарија сега бара Бугарите да бидат дел од Уставот, тогаш зошто Македонците да не бидат дел од нивниот Устав? – посочи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, во интервју за „Заспиј ако можеш“ на телевизија „Алфа“.

Тој вели дека во Бугарија има македонско малцинство и не треба да се срамиме од тоа, а потсети и на големиот број добиени пресуди во Судот за човекови права во Стразбур, каде што, додаде, има и пресуди коишто се во процедура.

– Ние, како држава, постоиме да ги браниме интересите на граѓаните на Република Македонија. Ако тие граѓани се чувствуваат дека се Македонци, ние треба да направиме сè за нив – истакна Мисајловски.

Премиерот Ковачевски претходно појасни дека двете земји имаат различни типови Устав.

– Во нашиот Устав, освен македонскиот народ, има и албански народ и други кои ги сочинуваат заедниците кои се дел од Уставот и, нормално, и други граѓани во државата коишто се самоопределуваат на друг начин може да побараат да бидат дел од Уставот на РСМ – изјави Ковачевски.