По измените во Законот за здруженија и поништување на регистрацијата на бугарското здружение „Цар Фердинанд“ во Богданци, официјална Софија ја менува тактиката и најавува отворање државен бугарски културен центар во Скопје. Во меѓувреме тече рокот за промена на имињата и нивно усогласување со македонските прописи на двата формирани клуба „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис III“ во Охрид. Додека Македонците во Бугарија најавуваат дека самостојно ќе отвораат приватни клубови, нема информација до каде е работата со државниот културен центар за кој МНР и Владата најавија дека ќе биде отворен во Благоевград.

Според најавите што доаѓаат од бугарски дипломатски извори, на 25 ноември ќе биде отворена новата канцеларија на бугарскиот Културно-информативен центар, кој сега е во близина на градскиот плоштад. Потврда за оваа информација се појави и на социјалните мрежи, преку профилот „Врховисти 1895“. Овој центар беше отворен како резултат на Договорот за културна соработка меѓу Македонија и Бугарија потпишан во 2002 година. Македонија, исто така, има свој културно-информативен центар, кој со години работи во Софија.

Претходно, бугарското здружение во Богданци, кое требаше да го носи името на цар Фердинанд, официјално доби известување дека е отфрлено од Централниот регистар со образложение дека тоа е направено поради неотстранување на недостатоци.

– Заклучокот се донесува поради тоа што поднесителот на пријавата во законски определениот рок не ги отстрани недостатоците наведени во уредно доставеното известување од 12.10.2022 година – се вели во одговорот од Централниот регистар.

Ова е трето бугарско здружение формирано во државава, а пред донесувањето на измените во Законот за здруженија, се најавуваше и четврто во Ресен. Во меѓувреме тече рокот за усогласување на здруженијата „Културен центар Иван Михајлов“ од Битола и Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трети“ од Охрид со македонските прописи. За двете здруженија треба да се произнесе и Уставниот суд по иницијативи за оценка на уставноста поднесени од Левица и адвокатот Тони Менкиновски.

Бугарското Министерство за надворешни работи, веднаш откако во македонското Собрание беа изгласани законските измени за здруженија и фондации, најави дека бугарските клубови ќе ја добијат државната поддршка за продолжување на својата работа.

Македонското МНР, пак, го критикуваше начинот на кој Македонците од Бугарија со поддршка на Македонците и Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада го отворија културниот клуб во Благоевград. Македонскиот шеф на дипломатијата, Бујар Османи, го оцени отворањето на клубот како избрзана реакција на отворањето на бугарските клубови во Македонија, „финансирана од сомнителни извори“ и исполитизирана со присуство на македонските политичари. Тој, заедно со премиерот Димитар Ковачевски, најави отворање македонски културен центар во Благоевград. Османи, по последната посета на Софија, рече дека има позитивни сигнали од Бугарија за вакво нешто.

– Раговаравме за културниот центар во Благоевград, има позитивен став, останува да видиме во кој период ќе бидеме подтотвени во целокупната процедура за да се отвори културниот центар во Благоевград – рече Османи. 

Македонците во Бугарија, пак, не се обехрабрија од недостигот на државна поддршка, ниту од затворањето на „Здружението за заштита на основните индивидуални човечки права“, кое го основаше македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград. На почетокот од месецов, Борислав Божинов од ОМО Илинден најави дека во неговиот двор, во гаража од 30 квадратни метри, во селото Крумово, на пет километри од Пловдив, ќе отвори приватeн културен клуб.

(И.С.)