БСЖ вакцината – алатка против Ковид 19?

298

Истражувачи од Њујоршкиот институт за технологија (NYIT) спровеле истражување во кое ги споредуваат бројките на заболени и починати од Ковид-19 во различни земји низ светот, во зависност од тоа дали во тие земји населениетобило третирано со БСЖ вакцина против туберкулоза.

„Откривме дека земјите без општа политика за БСЖ вакцината (Италија, Холандија, САД) се посериозно погодени во споредба со земјите со општа и долгогодишна политика на БСЖ-вакцинирање“, се вели во студијатаспроведена од истражувачите од Њујоршкиот институт

Тимот, во кој според бугарски медиуми учестува и Бугарката Виолета Руменова, ги споредил податоците за употреба на БСЖ вакцината во 180 земји, со податоците за заболеност и смртност од Ковид 19 во нив.

Во студијата се вели дека има значајна корелација помеѓу годината на воспоставувањето на универзалната БСЖ вакцинација и стапката на морталитет од Ковид 19. Односно, колку порано била применета вакцината, толку повеќе е заштитен поголемиот дел од возрасната популација кој ја примил вакцината. Доколку и клиничките истражувања го потврдат ова, БСЖ вакцината може да биде потенцијално оружје во борбата против коронавирусот.

Потешко погодени се земји без политика за БСЖ -вакцинирање

Шефот на истражувачкиот тим, Гонзало Отазу во разговор за бугарскиот „Вести.бг“ ја опишува утврдената врска помеѓу стапката на смртност од Ковид-19 и политиките за БСЖ вакцинирање.

„Откривме дека земјите кои не воспоставиле политика за БСЖ вакцинирање се потешко погодени од Ковид 19. Откривме и дека колку поодамна и подолго се користела вакцината, толку е поголемо намалувањето на смртноста, соодветно и заштитниот ефект врз повозрасната популација, која е потешко засегната од Ковид-19“, вели д-р Отазу.

Според него, во повеќето земји од Источна Европа каде БСЖ вакцината била задолжителна, стапката на смртност од Ковид-19 е пониска отколку во земји од Западна Европа. Запрашан дали ако сега биде воведено задолжително БСЖ вакцинирање, тоа би можело побзро да ја израмни пандемичната крива во некои засегнати земји, д-р Отазу вели дека тоа ќе се знае откако ќе завршат и клиничките истражувања.

„Нашите податоци се однесуваат за луѓе вакцинирани пред многу години. Сега се спроведуваат клинички истражувања во Австралија, Германија и Холандија, кои го тестираат тоа во моментов. Ќе почекам да ги видам резултатите од тие тестови, пред да давам какви било прогнози. Засега земјите што успешно ја задржуваат кривата, се оние кои имале задолжително БСЖ вакцинирање. Но, исто така, тие земји користеа и мерки за карантинска контрола на заболувањто, затворање на училишта, интензивно тестирање и следење на случаите. Точно ќе знаеме колку колку придонесла БСЖ вакцината кога ќе бидат готови и резултатите од клиничките истражувања“, вели д-р Отазу.

Бројките на статистиката

Со намалувањето на бројот на случаи на туберкулоза кон крајот на 20-от век, неколку земји со среден висок и висок приход во Европа меѓу 1963 и 2010 година ја укинаа политиката за општа БСЖ вакцинација. Во студијата се потенцира дека многу земји, меѓу кои Кина и Јапонија со БСЖ и натаму ги вакцинираат сите новородени, за разлика од Шпанија, Франција и Швајцарија кои престанале со вакцината поради сосема малиот ризик од заболување со туберкулоза, додека Италија, Холандија, Белгија и САД не ја вовеле од истите причини. Шпанија, на пример, ја применувала БСЖ вакцината само од 1965 до 1981 година (16 години) сега има висока смртност (29,5 на милион жители), за разлика од Данска која започнала со БСЖ вакцината од 1946 до 1986 (40 години) а смртноста сега е 2,3 на милион жители, или десет пати пониска од Шпанија. Иран започнал со БСЖ вакцини, но дури во 1984 година, што може да значи дека секој Иранец над 36-години е лишен од заштита, а таму смртноста од Ковид 19 во моментот на истражувањето била 19,7 на еден милион жители. Спротивно на тоа, Јапонија која ја почнала примената на БСЖ вакцината во 1947 година, има за 100 пати помалку смртни случаи на милион луѓе ( 0,28). Бразил ја почна општа вакцинација во 1920 година и има исто така уште помалку смртни случаи на милион жители (0,05). Во Кина вакцината била употребувана во 50-тите години на минатиот век, но била запрена за време на Културната револуција (1966-1976), и во таа деценија, според научниците, бил создаден голем човечки резервар кој денес не е имунолошки отпорен конКовид 19.

За да се утврди дали комбинацијата на намален морбидитет и морталитет ја прават БСЖ вакцината потенцијална нова алатка во борбата против Ковид-19, околу 4.000 вработени во австралиските болници ќе учествуваат во истражувањето кое ќе почне деновиве, а резултатите се очекуваат за околу шест месеци. Од Институтот за истражување „Мардок“ (МЦРИ) во Мелбурн. најавија дека ефектите од старата БСЖ вакцина ќе се проучуваат за нова намена.

Извор: Дојче веле