Бруто надворешниот долг на крајот од четвртиот квартал лани изнесувал 8.630 милиони евра

33

На крајот на четвртиот квартал од 2020 година бруто надворешниот долг изнесува 8.630 милиони евра или 80,2 отсто од БДП и забележа квартално намалување од 463 милиони евра, бруто надворешните побарувања изнесуваат 5.239 милиони евра или 48,7 отсо од БДП и забележаа квартално намалување од 711 милиони евра, додека нето надворешниот долг изнесува 3.391 милиони евра или 31,5 проценти од БДП што е зголемување за 248 милиони евра.

Како што соопшти Народната банка, од аспект на структурата, и понатаму поголемо учество во вкупниот нето-долг има приватниот нето-долг, 62 отсто.

Негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) изнесува 7.019 милиони евра или 65,2 процента од проценетиот БДП за 2020 година и на квартална основа бележи зголемување за 162 милиона евра. Од аспект на структурата на нето МИП, 83 отсто се однесуваат на нето-обврски по директни инвестиции, главно врз основа на сопственички капитал.

-Зголемувањето на нето надворешниот долг во четвртиот квартал произлегува од
зголемувањето на приватниот нето-долг за 262 милиона евра, во услови на пад на јавниот
нето-долг за 14 милиони евра, стои во редовното статистичко соопштение на Банката.

Падот на приватниот долг се објаснува со намалените обврски на капитално поврзаните субјекти за 148 милиони евра, наспроти зголемените обврски на небанкарскиот приватен сектор и на приватните
банки за по 14 милиони евра. Во однос на јавниот надворешен долг (без специфичните
активности за управување со девизните резерви на Централната банка), пад е забележан
главно кај секторот „држава“ за 95 милиони евра и кај јавните банки и јавните
претпријатија за 22 милионa евра.

-Во споредба со крајот на 2019 година, бруто надворешниот долг е повисок за 476 милиони
евра или за 5,8 отсто и речиси во целост го одразува зголемениот јавен долг (за 465 милиони
евра), а во помал обем и растот на приватниот долг (за 11 милиони евра). Растот на јавниот
долг речиси во целост се објаснува со зголемените обврски на секторот „држава“ (за 473
милиони евра), во услови на пад на долгот кај јавните банки и јавните претпријатија (за 5
милиони евра). Истовремено, умерениот раст на приватниот долг произлегува од
зголемените обврски на небанкарскиот приватен сектор и приватните банки (за 31 и 24 милиони евра, соодветно), наспроти намалените обврски кај капитално поврзаните субјекти (за 44 милиони евра), наведува Народната банка.

Според соопштението, бруто надворешните побарувања на крајот на четвртиот квартал од 2020 година,
изнесуваат 5.239 милиони евра или 48,7 отсто од проценетиот БДП и оствариле квартално
намалување од 711 милиони евра или за 12 проценти. Доколку се исклучи ефектот од специфичните активности на Централната банка поврзани со управувањето со девизните резерви, бруто надворешните побарувања се намалени за 487 милиони евра. Оваа квартална промена е резултат на намалените приватни побарувања за 382 милиона евра и пад на јавните побарувања за 105 милиони евра. Падот на приватните побарувања произлегува главно од намалените побарувања на капитално поврзаните субјекти и останатите сектори, додека падот кај јавните побарувања е резултат на намалените
побарувања на Централната банка.

-Во споредба со крајот на претходната година, надворешните побарувања се пониски за 118
милиони евра како резултат на намалените приватни побарувања (за 176 милиони евра),
пад делумно неутрализиран преку зголемените јавни побарувања (за 58 милиони евра).
Падот на приватните побарувања се објаснува со намалените побарувања на капитално
поврзаните субјекти (за 185 милиони евра) и кај депозитните институции (за 12 милиони
евра), при раст на побарувањата кај останатите сектори (за 21 милион евра). Растот на
јавните побарувања е одраз на зголемените побарувања на централната банка, во рамките
на девизните резерви, покажуваат анализите.

Како што наведува Народната банка, на 31.12.2020 година нето надворешниот долг изнесувал 3.391 милион евра или 31,5 отсто од проценетиот БДП. Нето надворешниот долг на земјата во четвртиот квартал од 2020 година е зголемен за 248 милиони евра, или за 7,9 отсто. Од аспект на структурата, и понатаму поголемо учество во вкупниот нето-долг има приватниот нето-долг со 62 процента. Во однос на крајот на 2019 година, нето надворешниот долг е зголемен за 594 милиони евра или 21,2 отсто, како резултат на зголемениот нето јавен долг (за 407 милиони евра) и зголемениот нето приватен долг за 187 милиони евра.

Во однос на МИП, Банката истакнува дека кварталното зголемување на негативната нето МИП произлегува од поголемото намалување на средствата (за 677 милиони евра) во споредба со намалувањето на обврските (за 515 милиони евра). Гледано по инструменти, нето-обврските врз основа на должнички инструменти бележат зголемување за 248 милиони евра, додека нето-обврските врз основа на сопственички инструменти се намалени за 86 милиони евра. Во споредба со крајот на 2019 година, негативната МИП, нето, е зголемена за 561 милион евра, како резултат на растот на нето-обврските врз основа на должнички инструменти (за 594 милиони евра), во услови на пад на нето-обврските врз основа на сопственички инструменти (за 33 милиони евра).