Брука невидена сме, како да живееме во Бангладеш!

480

Однадвор калливи и правливи, внатре со нечисти, скинати и чкртани столови за седење. Ваква е сликата на која се почесто наидуваат патниците на јавниот градски превоз и коментираат дека им е гнаса да седнат на нив. Од ЈСП, пак, се децидни дека сите нивни возила кои се вклучуваат на линија, секојдневно се подложни на т.н. дневна нега, а од почетокот на пандемијата со ковид-19 и на дополнителна дезинфекција од вообичаеното, а за столчињата, како што велат, кај нив има тапетари кои се грижат за санација на уништениот текстил

Деновине граѓани реагираат и постираат слики на социјалните мрежи, незадоволни од хигиената во автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), но и од нивната надворешност, бидејќи често пати знаат да бидат калливи и правливи. Тие се жалат и на тоа дека е искинат и материјалот на столчињата, нагласувајќи дека е несоодветно текстил да се става кога е во прашање јавниот превоз, бидејќи никогаш не може убаво да се исчисти.

– Кога на новите автобуси се направило детално хемиско внатре? Крпа не е помината, а не друго. Брука невидена сме, како да живееме во Бангладеш – вели Или Белобрадиќ.

– Не е во ред граѓаните да плаќаат превоз, а за возврат да се возат во вакви автобуси: нечисти и со искинати столчиња. Воопшто, сите автобуси се гнасни, а и нема греење во нив – се жали Цеце Петровска и смета дека ЈСП треба редовно да ги чисти своите возила.

Слаѓана Ташева, пак, посочува дека тој што ги набавил автобусите требало да мисли дека текстил на седишта во јавен превоз воопшто не е хигиенски и тешко се одржува, посебно, како што вели, кај нас каде што нема кој тоа да го прави.

– Затоа, треба вистински луѓе да бидат поставени кога се набавуваат автобуси. А за седиштата, под итно да се смени материјалот со нов одржлив, без текстил – предлага таа.

И Ева Јанчева Петрушевска се сложува со Ташева и додава дека во јавен превоз не смее да има столчиња обложени со текстил.

– Од хигиенски причини, никако не е дозволиво. Старите автобуси беа со столчиња од квалитетна пластика и можеа да се мијат, да се чистат редовно. Ова никогаш не можат да го исчистат како што треба. Грозно е. Да ти е гнаса да седнеш од страв да не се заразиш – потенцира Петрушевска.

По ваквите коментари на скопјани, од ЈСП одговорно тврдат дека сите нивни возила кои се вклучуваат на линија, односно се дел од јавниот превоз на патници, секојдневно се подложни на т.н. дневна нега, а од почетокот на пандемијата со ковид-19 и на дополнителна дезинфекција од вообичаеното.

– Прво се врши суво, па влажно чистење на возилата и на крај секое возило е подложно на дезинфекција. Соодветно се третира внатрешноста, но и надворешноста на возилата. Со дезинфекциски средства се пребришуваат рачките во возилата, валидаторите и слично, а се врши и распрскување со средство за дезинфекција низ целата внатрешност на возилата. Сите дневни активности се евидентираат во соодветниот Сектор за хигиена – објаснуваат од претпријатието.

Оттаму додаваат дека во периоди кога времето е врнежливо (дожд, снег) надворешноста на некои возила делува неисчистено, но, како што тврдат тоа не се должи на неодржувањето од страна на ЈСП, туку поради надворешните влијанија.

Што се однесува на столчињата, чиј материјал, како што посочуваат граѓаните е искинат, од ЈСП одговорија дека кај нив има тапетари кои се грижат за санација на уништениот текстил на столчињата.

– Се интервенира по пријава на возач, Секторот за хигиена и слично – децидни се од ЈСП.

(А.П.)